
Меѓаши, во рамки на меѓународниот проект ТОМАЅ – Towards Uniformed Legislation Against CSAM, на 18 септември 2025 година одржа јавна трибина на тема „Превенција и заштита на децата од дигитална злоупотреба и CSAM“. Настанот претставуваше значајна платформа која ги собра граѓанскиот сектор, институциите, стручните служби, приватниот сектор, медиумите и младите.
Трибината беше отворена од м-р Драги Змијанац, претседател и соосновач на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, кој истакна дека безбедноста на децата на интернет е едно од најгорливите прашања на денешницата и дека потребата од здружени напори во превенцијата и заштитата е поголема од кога било. Тој ја нагласи важноста на вклучувањето на сите засегнати страни во креирањето на политики и механизми кои ќе ја гарантираат дигиталната безбедност на најмладите, додека програмската менаџерка на Детската амбасада Меѓаши и проектен менаџер на ТОМАЅ, Клементина Добревска, даде осврт за важноста на меѓународната соработка во усогласување на законодавството за CSAM.
Во центарот на вниманието беа младите, чиј глас доби посебна тежина. Модератор на настанот беше Јана Николовска која ги презентира пораките од работилниците со деца и млади и кои отворија сериозни прашања за нивните реални предизвици во дигиталниот простор. Свое видување даде и Петар Павловски, претставник на младите кои ја спроведуваа младинската иницијатива во однос на заштитата и безбедноста во дигиталниот простор. Освен видеата од деца/младите, во овој дел беше претставен и регионалниот документ на политики, кој нуди поширок поглед на состојбата и можните решенија.
Особено важно беше претставувањето на публикациите изработени во рамки на проектот.
Психологот и истражувач Јорданка Ч. Трајкоска зборуваше за процесот на нивна подготовка, а фокусот беше ставен на Водичот за застапување и масовно лобирање за заштита на децата од сексуална злоупотреба преку интернет. Присутните имаа можност да добијат пристап до публикациите преку дигитални QR-кодови и физички примероци.
Следуваше панел дискусија во која учество зедоа претставници на Министерството за дигитална трансформација, Министерството за внатрешни работи, претставник на стручната служба од училиштето СУГС “Арсени Јовков”, претставник од А1 и координаторката на линијата за деца и млади АлоБушавко при Меѓаши. Секој од учесниците даде свој осврт врз темата од различенаспект. Билјана П. Ристеска од Министерството за дигитална трансформација зборуваше за воспоставувањето на Центар за безбеден интернет и за проектот MKSafeNet како алатка за унапредување на интернет безбедноста во земјата. Весна Трпевска – Началник на одделение на секторот за компјутерски криминал од Министерството за внатрешни работи ја истакна важноста на раната детекција и превенцијата, како и моментните практики за справување со злоупотреби, отстранување на штетни содржини и пронаоѓање на сторителите. Беше спомната и алатката за пријавување на сајбер криминал ,,Црвено копче”.
Маја Велковска – проектен менаџер и координатор на АлоБушавко при Меѓаши нагласи колку е важна меѓусебната соработка и усогласувањето на законодавството со европските стандарди, а посебен акцент беше ставен на улогата на сервисот за поддршка на деца и млади – АлоБушавко 070 390-632, достапен 24/7 за децата и младите да бидат слушнати, разбрани и поддржани.
Анита Армаганијан – стручен соработник при СУГС “Арсени Јовков”, пак, го отвори прашањето за улогата на наставниците и стручните соработници во раната детекција на дигиталното насилство и начините на кои учениците го манифестираат тоа преку современите апликации и алатки.
Анита сподели искуство и во улога на родител, критикувајќи дека во денешно време не многу родители имаат време за своите деца. Бранкица Толевска, претставничка од компанијата А1, зборуваше за улогата и одговорноста на бизнис секторот во справувањето со оваа тема, како и за можностите за партнерство и поддршка во градењето на безбедна дигитална средина.
Трибината заврши со отворена дискусија во која учесниците имаа можност да поставуваат прашања и да предложат идни чекори. Први во дискусијата се вклучија децата. Се дискутираше за нивната информираност за можностите за поддршка во вакви ситуации и за нивна заштита.
Децата споделија дека немаат голема доверба во институциите да постапат како што треба и замолија да се работи на тоа да нема нерешени случаи. Претставници на стручни служби од различни училишта поставија прашања до претставниците на различните министерства во врска со интернетот и како може да се заштитиме од ризиците како и која улога ја имаат институциите во целиот процес.
Овој настан уште еднаш ја потврди потребата од системски пристап во справување со дигиталната злоупотреба и CSAM, преку силна институционална координација, поддршка од граѓанскиот сектор и активно вклучување на младите во креирањето на решенија.