Бизнисменот Трифун Костовски обвинува дека е жртва на прогон на Јавното обвинителство.
,,Пет и пол години прогон, обвинение без докази за криминал и отворена битка на еден човек против заробените институции
Почитувани читатели,
На 8 јули 2026 година, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција објави соопштение во кое наведе дека е завршена истрагата поврзана со стечајот на Еуростандард банка и дека е поднесен предлог за поведување судски постапки против четири лица.
Едно од тие лица сум јас.
Товарот што ми се става на грб е наводна несовесност во вршењето на функцијата претседател на Надзорниот одбор на банката. Притоа, како намерно да се заборава дека јас бев и еден од акционерите на банката, човек кој имаше личен, деловен и животен интерес банката да опстои, а не да пропадне.
Затоа прашувам, која логика би ме навела несовесно да управувам со институција во која сум вложил сопствен капитал, труд, углед и години од својот живот?
Предавството како начин на живот
Пораснав во семејство во кое христијанството беше длабоко вградено во нашето секојдневие. Библијата беше нашиот патоказ, света книга од која учевме како да постапуваме, како да ги почитуваме луѓето и како праведно да го продолжиме сопствениот животен пат.
Библијата нѐ подучува дека апостол Павле ја посетил Македонија со желба да ја шири христијанската вера на овие простори, на што сме особено горди и благодарни. Но, за жал, имам впечаток дека и Јуда, човекот чие библиско име низ вековите е синоним за предавство, живее во Македонија. Јуда е човекот кој личниот интерес го стави пред верноста, совеста и вистината, го предаде Исус Христос, централната личност и најголемата светост на христијанската вера.
Покрај тоа што библијата го осудува предавство, очигледно е дека духот на Јуда преку разните облици на предавства не исчезнува. Напротив, сѐ поприсутен е. Јуда, како симбол на најниското предавство, живее и денес. Живее во секое предавство на вистината. Во секоја злоупотребена функција. Во секоја институција која, наместо да го штити законот, станува средство за исполнување туѓи интереси”, вели Костовски според кого очигледно, семето на Јуда длабоко се вкоренило и во Македонија.
,,Воведот можеби звучи саркастично, но зад сарказмот се крие една горчлива реалност, дека Македонија сè повеќе наликува на држава со институции заробени од криминалот, корупцијата и центрите на моќ коишто дејствуваат далеку од очите на јавноста.
Како е можно колективна одлука да стане индивидуална вина?
Замислете, Јавното обвинителство предлага поведување судска постапка против мене поради наводна несовесност како член и претседател на Надзорниот одбор.
Сметам дека е срамно обвинители на високи позиции, меѓу кои Коларевиќ, Абази и Савевски, да дозволат во јавноста да се појави ваков, според мене, правно и логички неодржлив предлог за мое гонење.
Надзорниот одбор на Еуростандард банка броеше пет члена.
Дневниот ред се усвојуваше со мнозинство гласови. Секоја точка се разгледуваше и се изгласуваше како колективна одлука на Надзорниот одбор.
Тогаш, врз која логика од петмина членови се издвојува токму еден човек?
Како колективната одлука одеднаш се претвора во индивидуална вина?
Како институциите стигнаа до заклучок дека токму јас сум одговорен за наводно несовесното работење, кога одлуките не сум ги носел самостојно?
Или, можеби, целта никогаш не била да се утврди вистината, туку да се најде име кое ќе биде ставено на обвинителната клупа?
Моите дела зборуваат погласно од нивните обвинувања
Во јавноста важам за човек кој својата љубов кон татковината и сограѓаните не ја покажувал само со зборови, туку и со дела.
За тие дела сум ги добил највисоките признанија од државни и верски институции во земјата.
Не го кажувам ова за да тврдам дека сум безгрешен. Никој човек не е безгрешен. Но, постои огромна разлика помеѓу човечка грешка и кривична одговорност, помеѓу пропуст и организирано уништување, помеѓу вистина и однапред нарачана пресуда.
Затоа јавно прашувам, дали Јуда влегол и во Јавното обвинителство?
Дали целта е да се уништи човек кој со своите дела покажал дека ја сака својата татковина и својот народ?
Господа обвинители, вашата логика, според мене, ја навредува и правдата и здравиот разум.
Од петмина членови на Надзорниот одбор, токму мене ме посочивте како виновник за несовесно водење на Еуростандард банка.
Засрамете се!
Не сум светец за бесконечно да простувм.
Јас сум човек од крв и месо. Човек со семејство, достоинство, углед и живот кој никој нема право без причина да го уништува.
Со своите постапки го поткревате гневот во мене. Не затоа што се плашам од вистината, туку затоа што гледам како вистината се потиснува, а институционалната сила се користи против поединецот.
Сè појасно осознавам дека Македонија е заробена држава, управувана од сиви еминенции кои, според моето уверување, не ѝ мислат добро ниту на државата, ниту на народот.
Луѓето кои имаат респект меѓу граѓаните, вие ги понижувате, ги прогонувате и ги претворате во јавни виновници, пред судот воопшто да каже било што.
Можете да покренете постапка против мене, но не можете да покренете постапка против вистината.
Госпоѓо Коларевиќ, кому му служите?
Госпоѓо јавен обвинител Коларевиќ,
Вие го водите предметот поврзан со Еуростандард банка. Истовремено, во случајот познат во јавноста како „Мазут“, во кој се говореше за износ од околу 160 милиони евра, постапката беше затворена за неполна година, а осомничените беа ослободени од натамошно гонење.
Мојот случај, пак, го водите полни пет и пол години.
Пет и пол години пребарувате, испитувате, анализирате и се обидувате да пронајдете криминал и перење пари. Но не најдовте факти за сторен криминал. Не најдовте перење пари. И што направивте на крајот? Најдовте начин да ме гоните за наводна несовесност.
Кога фактите не се доволни за обвинение, системот, очигледно, бара друг изговор.
Затоа отворено Ве прашувам, кому му служите?
Дали постапувате исклучиво според законот и доказите или под притисок на центри на моќ кои сакаат моето име, мојот углед и мојот живот да бидат уништени?
Верував во Вас. Верував дека функцијата јавен обвинител подразбира независност, совест и храброст. Но, според она што го гледам, моќта на сивата еминенција е голема, а Вие безрезервно ѝ давате поддршка. Затоа сметам дека најчесно би било да си заминете од функцијата јавен обвинител. Само така би можеле од себе да ја тргнете дамката на сомнежот дека наместо на правдата, сте му служеле на нечии туѓи интереси.
Ми крадете од животот што не сте ми го дале
Ве прашувам нешто човечки, а не само правно. Кога јас би Ве прогонувал Вас за дела што не сте ги сториле, и тоа цели пет и пол години, каков би бил Вашиот однос? Како би се чувствувале кога секој Ваш ден би бил исполнет со сомнеж, притисок, јавно жигосување и неизвесност? Како би реагирале кога некој би Ви го одземал мирот, достоинството и времето со Вашите најблиски? Ми крадете години од животот што не сте ми го подариле. Години што никој не може да ми ги врати.
И го правите тоа, според моето длабоко уверување, без трошка совест.
Повеќе не е само Народната банка…
Почитувани читатели,
До овој момент единствената институција кон која јавно го вперував прстот беше Народната банка.
Но, кога беше објавена одлуката на Јавното обвинителство, сфатив дека не станува збор само за една институција. Сфатив дека сум системски осуден да бидам уништен. Сметам дека начинот на кој Еуростандард банка беше однесена во стечај од страна на Народната банка е неразумен и неоправдан. Беа прескокнати инструменти и можности што стоеја на располагање за спас на банката. Но гувернерката Бежоска одлучи банката да биде однесена во стечај.
Зошто?
Чиј интерес беше исполнет?
Кој посакуваше банката да исчезне?
Моето уверување е дека така посакувала сивата еминенција. Јавното обвинителство спомнува одредени износи како загуби, но тие, според информациите со кои располагам, се далеку од реалната состојба. Стечајниот управник Саздовски, пак, останува затворена книга за јавноста. Според моето уверување, целиот стечај се води под влијание и контрола на истите центри на моќ. Јавноста има право да знае и да добие одговор дали стечајниот управник Саздовски ја поседува потребната лиценца и стручна квалификација за водење стечајна постапка над банка. Банката не е обично трговско друштво.
Секаде во светот, па и во Македонија, постојат суштински разлики помеѓу водењето стечај над обичен правен субјект и водењето стечај над банка, институција која управува со средствата, довербата и животната сигурност на илјадници граѓани.
Затоа овие прашања не смеат да останат без одговор.
Почнува мојата отворена битка
Почитувани читатели,
Од овој момент започнува мојата отворена битка со сите институции и поединци кои се обидуваат да ме понижат, замолчат и уништат.
Ќе ги користам сите законски инструменти, сите демократски средства и сите достапни алатки за вистината да излезе на виделина.
Нема да се кријам.
Нема да молчам.
Нема да прифатам вината да ми биде напишана однапред, а доказите да се бараат отпосле. Ќе се борам сторителите на овие неправди еден ден да се соочат со одговорноста.
Дали ќе успеам е големо прашање. Јас сум поединец, а спроти мене стојат институции на државата со огромна моќ, ресурси и влијание. Приказната за Давид и Голијат не живее затоа што Давид бил посилен. Таа живее затоа што Давид имал храброст да му се спротивстави на оној пред кого сите други молчеле. Давид немал поголема сила од Голијат, имал похрабро срце и поправедна кауза”, пишува Костовски.