Советот на Град Скопје донесе измена и дополнување на Одлуката за комунален ред со која се воведуваат нови обврски за кафулињата, маркетите и останатите деловни субјекти во однос на управувањето со отпадот.
Според новите правила, сите правни субјекти што создаваат комунален отпад сличен на оној од домаќинствата ќе мора задолжително да склучат договор со ЈП „Комунална хигиена“ за собирање и транспортирање на отпадот. Дополнително, тие ќе треба да обезбедат и користат посебни контејнери, различни од оние наменети за домаќинствата, како и да вршат селекција на отпадот на местото на неговото создавање.
Во одлуката се наведува дека за непочитување на овие обврски, овластен инспектор од Град Скопје ќе може да изрече глоба согласно важечките законски прописи.
Од Град Скопје појаснуваат дека досегашната одлука не содржела одредби за оваа комунална дејност, поради што се наметнала потребата од нејзино дополнување. Со новите измени, ЈП „Комунална хигиена“ се утврдува како единствен овластен субјект за собирање и транспорт на комуналниот комерцијален отпад на територијата на градот.