
Пишува: Проф. д-р. Митко Б. Панов
Насловот на колумната е преземен од Шекспировата историска драма „Хенри Петти“, во која е содржана и жестоката расправија помеѓу офицерите во војската на Хенри V во судирот со Франција при опсадата на Харфлер во 1415 година. На зајадливиот коментар на Велшанецот Флуелен „поправете ме ако грешам, нема многу луѓе од вашиот народ“, Ирецот Мекморис му реплицира:
„Од мојот народ? Каков е мојот народ? Да не е подлец, никаквец, копиљ, апаш –што му фали на мојот народ? Кој има против мојот народ?“ (Шекспир, Хенри V 3.2)
Расправијата помеѓу овие офицери често се користи за анализа на судирот на идентитети во историските драми. Пренесено на современите состојби во Република Македонија, оваа расправа добива на релевантност во контекст на идентитетскотo оспорување и историското негирање на македонскиот народ, чијашто историска драма одново се испишува, додека епилогот претендираат да го состават други народи.
I. ЗАТОА, КАКО И ШЕКСПИРОВИОТ МЕКМОРИС, ПРАШУВАМ – КАКОВ Е МОЈОТ МАКЕДОНСКИ НАРОД?
Дали важи и за мојот народ меѓународното право, како и за другите народи?
Дали и мојот народ има право на самоопределување како и другите народи, без да биде принуден да ја менува својата меморија и со тоа самиот да си се отуѓи себеси?
Дали мојот народ има право на свој наратив, пренесуван со генерации?
Дали мојот народ, како и другите народи, има право на своја историја, на свои херои, традиции, наследство, на свој јазик, што го прави различен од другите народи?
Дали мојот народ е суверен во државата која ја создал, како и другите народи?
Дали мојот народ има право на национална гордост, како и другите народи?
Или, е народ без преседан – народ без корен, народ на друг народ?
II. ДА НЕ Е МОЖЕБИ МОЈОТ НАРОД,
Подлец, кој се претставува дека е нешто, што не постои?
Никаквец, кој лажно тврди дека говори на свој јазик, кој не е негов?
Копиљ, кој е непризнат, со лажни предци, без наследство, без татковина?
Апаш, кој краде туѓа историја и ја претставува како своја?
III. ШТО МУ ФАЛИ НА МОЈОТ НАРОД,
За и во 21 век да мора да докажува што е!
За да мора да го брани сопственото постоење во демократска Европа!
Што за него не важат фундаменталните права и вредностите, како и за другите европски народи!
Што му се наметнува да прифати дека бил, и е некој друг, само затоа што други народи го бараат тоа!
Што е уценуван да ја отстапи својата историја на други народи, за да не биде повеќе посебен и различен!
Да прифати дека е вештачки, за биде признат!
IV. КОЈ ИМА ПРОТИВ МОЈОТ НАРОД?
Што го бришат неговиот јазик и идентитет, во името на Европа!
Што го принудуваат да се само-откаже од своето минато, за други нации да покажуваат дека не постои!
Што го условуваат да го промени уставот, за да се задоволат националните агенди на други нации, кои не го признаваат!
Што го лишуваат од своето културно-историско наследство, за други народи да го маркираат како своја сопственост!
Што му ги негираат народните револуционери, кои мојот народ ги опева и во химната!
Што го уценуваат мојот народ да се откаже од своите херои и да прифати дека тие биле херои на други народи и единствено како „заеднички“ ќе можат да бидат и негови!
Што му го избришаа Манифестот и одлуките на АСНОМ од Уставот, со кои мојот народ обзнани дека ја формирал современата македонска држава како победник над фашизмот!
Што бараат и бришење на термините „фашизам“ и „окупатор“ од спомениците и натписите, бидејќи тие се израз на историската победа на мојот народ над фашистичкиот окупатор!
Што бараат народната црква да остане без името на мојот народ, за да можат други народи да докажуваат дека тоа е црква без народ и без свои традиции?
Што бараат националниот наратив и учебниците да бидат рецензирани од други нации, за идните генерации на мојот народ да стекнат идентитетска свест на други народи!
Што бараат државните празници и историските јубилеи да се чествуваат „заеднички“ со други народи, бидејќи тврдат дека мојот народ нема свои!
Што настојуваат мојот народ да нема своја дијаспора – да го нема надвор од границите на државата, а со тоа да го нема и во сопствената држава!
Што го сведуваат мојот народ не на етничка, туку на политичка категорија!
Што само за мојот народ, јазикот го третираат како еднострана декларација, без историска генеза и посебност!
Што бараат мојот народ и нација да станат нов идентитетски конструкт на политичките договори со други нации!
Што единствено за мојот народ, самоопределувањето не значи и историска посебност!
Што бараат името на мојот народ да биде забранета придавка за државата, нацијата, црквата!
Што единствено за мојот народ, преговарачката рамка со ЕУ значи задоволување на националните интереси на други нации!
Што единствено за мојот народ, не се клучни Копенхашките критериуми!
Што историското непостоење на мојот народ, станува критериум за влез во ЕУ!
Што единствено за мојот народ, Уставот не значи израз на суверенитет, бидејќи може да се менува под диктат на други нации!
Што единствено за мојот народ, компромис не значи компромис со другите, туку со самиот себеси!
Што тешкото, не е само народно оро, туку и меѓународна синтагма за иднината на мојот народ!
Што мојот народ е обвинуван за говор на омраза, зашто го брани своето национално достоинство!
Што само за мојот народ, одбраната од национализмот на други нации, се третира како национализам!
Што единствено во однос на мојот народ, историските претензии на други народи не се иредентизам!
Што единствено од мојот народ, се бара да се помири со сопственото небитие!
V. ЕПИЛОГ НА ИСТОРИСКАТА ДРАМА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД
„Но простете им, луѓе, на невдахновените духови слаби што беа дрски на овие безвредни штици да ја постават смело оваа толку крупна тема… дајте ми да бидам хор на оваа повест…“ (Шекспир, Хенри V).
Дрзок, да ја поставам крупната тема, бидејќи мојот македонски народ го третираат како безвреден, измеќар, без самопочит, достоинство и национална гордост. Kако копиљ во сопствената татковина и апаш на своето историско и културно наследство.
Смел, штом мојот народ се третира како никаквец и подлец, и се бара од него да се само-асимилира и да не се биде, за да се биде во ЕУ.
Но, од мојот народ сепак зависи дали ќе учествува во испишувањето на својата македонска историска драма и дали самиот ќе го состави епилогот на сопствената повест и биднина во Европа.
Или, ќе дозволи други народи да го испишат неговиот крај на политичката сцена на безвредните штици на Европа, за мојот народ да се сведе на небиденик во сопствената македонска држава, која ќе стане негова небиднина.
„Или историјата наша со полна уста
ќе говори слободно за делата наши, или гробот
немо,
ко турски роб, без јазик, ќе отвора уста,
непочестен ни со обичен епитаф смртен“ (Шекспир, Хенри V 1.2).
Од мојот народ, сепак зависи дали ќе го биде, во својата вековита македонска биднина!
проф. д-р Митко Б. Панов
Редовен професор во Институтот за национална историја