Македонија

Кој има интерес од затворање на легалната индустрија на игри на среќа – АСОМ со отворено писмо до политичарите

АСОМ и компаниите кои ги претставува организацијата уште еднаш цврсто и јасно порачуваат – законот за затворање на легалните игри на среќа не смее да се донесе

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) со отворено писмо се обрати до политичките претставници.

Нивното обраќање го пренесуваме во целост:

„Почитувани политички претставници,

Ви се обраќаме со отворено писмо за да ги разобличиме сите напади врз нашата индустрија, сите малициозни етикетирања, но и да ја разобличиме целата подмолна операција за уништување на легалната индустрија за игри на среќа која е во тек.

Прво, јавно прашуваме, зошто дозволувате една цела индустриска гранка, која е убедливо законски најрегулирана, која легално вработува десетици илјади луѓе и плаќа редовно милиони евра во давачки, да ја нарекувате ‘мафија’ или ‘банда’? Дали нашите вработени, кои се повеќе од 10.000, се мафијаши кои хранат семејства од чесна работа? Дали компании кои работат без дамка се мафијашки компании? Или пак мафијата е некаде на друго место? Срамна, нечесна и недозволива е оваа реторика со цел некој политички да профитира пред избори.

Второ, зошто со години бегате од јавна дебата за овој важен закон? Зошто се пишуваат десетици верзии на закон тајно, без вклучување на експерти и јавност? Ние, како претставници на легалната индустрија за игри на среќа, немаме што да криеме, сакаме јавно, пред граѓаните, да ги соочиме аргументите. Прашањето е дали вие имате нешто да криете? До кога ќе ја користите нашата индустрија за коалициски договори и предизборни цели и ќе држите десетици илјади вработени во грч и страв за сопствените работни места? Ако немате што да криете, зошто со години сите бегате од соочување на аргументите? АСОМ и сите членки на нашата организација со години конструктивно нудат решенија кои се во интерес на граѓаните, на заштита на играчите и на прецизна регулација. Тоа е пред сè наш интерес. Во наш интерес е да се подобрува легислативата и да имаме одржлив и долгорочен закон кој ќе биде во интерес на сите. Но, очигледно вам тоа не ви е во интерес. Во интерес ви е само да ја политизирате и да ја злоупотребувате судбината на компании и луѓе пред избори.

Трето, зошто бегате од фактите кога станува збор за закони кои значат затворање на индустријата? На јавноста треба да ѝ е јасно – овој закон, де факто, исто како и сите претходни предлог-закони, значи затворање на легалната индустрија за игри на среќа. Дали знаете што ќе се случи кога ќе ја затворите легалната индустрија за игри на среќа? Ќе се случи истото што се случи во Албанија пред неколку години и истото што се случуваше тука пред десетици години – ќе процвета нелегалниот бизнис, играње по подруми. Ќе расте криминалот, ќе се игра небезбедно, а државата ќе трпи огромни загуби. Им се обраќаме директно на албанските политички партии – зошто не го земете искуството на Албанија? Албанија виде дека затворањето на индустријата нанесе огромна штета, порасна криминалот, се играше ‘на диво’ и на крај ги вратија легалните обложувалници. Кој има интерес ова да се случи и кај нас? Или некој веќе прави план за нелегален бизнис? Рестриктивните закони никаде и никогаш не решиле ништо, напротив – ги влошиле состојбите. Ако забраните легална продажба на алкохол, луѓето нема да престанат да пијат, туку ќе го набавуваат на црно. Истата судбина ја чека државата со овој закон.

Четврто, нели е крајно лицемерно да кажувате дека се борите против легалните приредувачи на игрите на среќа, но истовремено државата самостојно да организира игри на среќа на интернет и самостојно да има интерес да организира видеолотариски игри? Како е тоа заштита на играчите кога пазарната економија се покажува како најдобар чувар на интересите на сите чинители во државата. Тоа е единствено желба за монополизација и контрола од страна на државата, а со тоа и големи добивки за оние кои ги носат овие закони.

Секоја власт лицемерно и политички го злоупотребува нашиот легален бизнис сектор само за да направи преземање, а не за да регулира или пак да ги заштити граѓаните. Ова јавноста и граѓаните мора да го знаат. Сите компании кои работат и се членки на АСОМ се врвно професионални и одговорни компании кои ги следат и почитуваат до буква законите за индустријата. Сè друго е политичка магла и позадински интереси за да се оцрнува нашата индустрија и компаниите кои работат во неа.

АСОМ и компаниите кои ги претставува организацијата уште еднаш цврсто и јасно порачуваат – законот за затворање на легалните игри на среќа не смее да се донесе. Тој е пред сè штетен за граѓаните, за вработените кои ќе изгубат работни места и за безбедноста на играчите.

Ние немаме што да криеме, бараме итна јавна расправа за да се соочат аргументите и конечно да се донесе закон кој ќе биде европски, одржлив и од кој ќе имаат бенефит сите граѓани на оваа држава.

Во спротивно, спремни сме да одиме до крај и со сите расположливи средства да ја браниме нашата легална индустрија од политички напади.“

 

Најнови вести од: Македонија

Пелегрини: ЕУ се коцка со довербата на Западниот Балкан во неа, кој може целосно да се откаже од европерспективата, поради одложувањата на проширувањето!

Зборувајќи на заедничката прес-конференција во Белград по разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателот на Словачка Петер Пелегрини предупреди денеска дека „постојаните одложувања на проширувањето од страна на Европската Унија предизвикуваат опасност да се поткопа довербата на Западниот Балкан кон неа. „Европската Унија се коцка со довербата на граѓаните на Западен Балкан.“ – нагласи Пелегрини, додавајќи дека одложувањето на отворањето на преговарачките кластери на ЕУ за Србија претставува „политичка игра од страна на некои земји-членки“. Ова го објави турската информативна агенција „Анадолу ажанси“

Спиропали, шефицата на албанската дипломатија на 22-23.12.2025 во посета на Македонија: средби со државниот врв, лидерите на Вреди и ДУИ Ахмети

„За време на официјалната посета министерката за Европа и надворешни работи во Владата на Албанија Елиса Спиропали ќе ја потврди силната поддршка за европската интеграција на Македонија, нагласувајќи дека проширувањето на ЕУ останува стратегиски инструмент за мир и демократска стабилност во Југоисточна Европа. Во центарот на вниманието на средбите ќе биде и проектот Коридор 8 како стратегиски проект за енергија и безбедност, кој го поврзува Медитеранот со Црното Море.“ – објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА од Скопје.

Послеконгресни незадоволства во ДУИ – Мурати: Тоа е куќа со скапани темели! Лесковица: Во неа не остана ниту буквата „Р“ од реформите!

„Конгресот на ДУИ, за кој се трубеше како за процес на длабоки реформи, предизвика бранови на реакции од личности, кои некогаш беа на клучни позиции во извршните и локалните структури на оваа партија. Поранешни вицепремиери, поранешни министри и други функционери го опишаа процесот како ‘фасада’“ и „прикриен авторитаризам’, оставајќи ги настрана принципот на меритократија и заслугите.“ – објави ТВ Алсат во својата анализа со наслов „Конгресот на ДУИ, незадоволство од изборите на Ахмети“.

ТАВ Македонија: Слетаа и полетаа 13 авиони, откажани 20 лета, пренасочени две линии

Бидејќи временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија има свој праг на толеранција за слетување и полетување при намалена видливост, апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од нивната авиокомпанија.

Покрај во авионскиот, маглата прави проблеми во и патниот сообраќај

Од УХМР најавуваат дека маглата ќе се задржи по котлините до крајот на денот, а појава на магла се очекува и утре и задутре. Кон крајот на утрешниот ден и во наредните денови, под влијание на влажни воздушни бранови, ќе има повремени локални врнежи од дожд, на места пообилни, додека на планините и повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.

Најнови вести

To top