
Над 12.000 инспекциски контроли се направени од почетокот на годината, при што се уништени околу 56 тони небезбедна храна во Македонија. Притоа се изречени 1.325 парични казни и времени забрани за работа, а поднесени се и прекршочни пријави. Директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Оливер Миланов вели дека дополнителни контроли се вршат за секоја пратка која се увезува во земјата.
Се вршат дополнителни контроли на секоја пратка која се увезува во земјата, а се контролираат и домашните маркети и пазари. Генерално, македонските граѓани јадат безбедна храна, но покрај институциите и тие треба да алармираат за недоследности поврзани со безбедноста на храната, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Оттаму информираат дека најчесто наводите поврзани со безбедноста на храната се однесуваат на продажба на производи со поминат рок, работа без одобрение, присуство на контаминенти во производ, сомневање за труење со храна и продажба на производи со променети органолептички својства, како и сомневање во квалитетот на производот.
- „Одговорност за безбедноста на храната имаат сите – од државата која ги креира политиките, создава услови и спроведува контроли до граѓаните како крајни потрошувачи. Не е важно само дали и што ќе јадеме, туку и колку храната на нашите трпези е безбедна“, вели директорот на АХВ.
Со оглед на високите температури, остануваат и препораките што и како да консумираме за да се спречи појава на труење со храна. Од АХВ најавија засилени контроли поради летниот период, особено во туристичките места.
Од лани во јуни досега, АХВ одзела и уништила околу 300 тони небезбедна храна, а само годинава дури 56 тони. Извршени се и 12 илјади инспекции само во внатрешниот промет, а за утврдените недоследности се изречени 1.325 мерки, од кои 260 парични казни и времени забрани за вршење дејност, а поднесени се и прекршочни пријави, информираше директорот на АХВ.
Од почетокот на годинава досега преку Одделението за заштита на потрошувачите се поднесени повеќе од 360 иницијативи за вршење на инспекциски надзор.