Наодите на Евростат укажуваат на континуиран пад на бројот на новородени бебиња, додека сè повеќе жени се одлучуваат да го одложат мајчинството по триесеттата година. Овие трендови не се само моментален феномен, туку дел од долгорочни демографски промени што сериозно ја засегаат иднината на континентот.
Од ваквите процеси не е исклучена ниту Македонија.
Во Македонија, фертилитетот бележи постојан пад последната деценија. Стапката се движи од 1,52 во 2004 и 2014 година, на 1,49 во 2023 и рекордно ниски 1,44 живородени деца по жена во 2024 година.
Овие вредности се значително под прагот од 2,1 деца по жена, кој е потребен за природна обнова на населението.
И Европа и Македонија веќе навлегуваат во сериозна демографска криза.
Во Европската унија во 2024 година се родени 3,55 милиони бебиња, што е намалување од 3,3% во споредба со 2023 година, а вкупната стапка на фертилитет изнесува 1,34 живородени деца по жена.
Податоците покажуваат дека жените во ЕУ се подоцна се одлучуваат за првото дете, со просечна возраст од 29,9 години, додека во Македонија просекот е 27,8 години.
Историјата на наталитетот покажува дека речиси двапати помалку деца се раѓаат во ЕУ отколку пред шест децении.
Во Македонија, бројот на новороденчиња се намалил од 44.095 во 1960 година на рекордно ниските 16.061 во 2024 година, што ја истакнува сериозната демографска загриженост.