
Светскиот доктор, Македонецот Иво Бошкоски од болницата Џемели во интервју за македонската информативна агенција МИА открива дека со неговата иновативна метода се губи една третина од прекумерната тежина.
Доктор Бошкоски, кој со години има успешна кариера во Италија, е првиот доктор во светот кој воведе иновативен метод со специјална гастроскопија која го исфрла хормонот на глад.
-Македонија е мала држава со многу паметен народ. Голем број семејства готват дома, а тоа е многу позитивно да се подготви здрава храна за децата, за себе за ручек кога сте надвор, отколку да купите нешто што е спакувано и да го конзумирате на работа. Сето тоа е многу важно за борба против дебелината. Многу подобро е помалку да јадете, ќе се чувствувате поздрави, отколку да се прејадете и да имате здравствени проблеми – вели во интервју за МИА, светскиот доктор, Македонецот од Тетово д-р Иво Бошкоски, кој воведе револуционерен метод за слабеење во болницата „Џемели“ во Рим.
Методот дава исклучителни резултати во процесот на слабеење.
Пред неколку дена, за првпат во светот, во водечката италијанска болница „Џемели“ во сопственост на Ватикан, каде што се лекуваат папите, д-р Бошкоски користеше сонда од најновата генерација „Мовива“, која овозможува побрзо „горење“ на поголем дел од желудочната слузница.
Тој посочува дека дебелината е болест којашто е дефинирана и од СЗО, а не естетски проблем и доколку државата инвестира за да се намали бројката на пациентите со прекумерна тежина тогаш ќе има поздрава популација и работна популација која е посреќна.
Според него, секоја држава треба да си го регулира домашниот проблем со дебелината. Смета дека и медиумите треба да придонесат со „постојан притисок“ да се избегнува нездрава храна, нездрави пијалоци, алкохол…, со што се решава еден дел од проблемот. Другиот дел од проблемот, додава, е домашната едукација. Кога децата не сакаат повеќе да јадат, советува дека родителите не треба да инсистираат тие да завршат со храната, да се изеде се што има во чинијата, што е доста присутно во јужна Италија и на Балканот.
Патот на др Бошкоски до „Џемели“, како што вели, бил доста долг и тежок. Морал и да работи и да учи во исто време, и кога сите оделе на други универзитети бидејќи им било страв да се обидат на „Џемели“, како најпрестижна клиника и католички универзитет во Италија, тој одлучил да се спротивстави и да се обиде.
„Само кога сакате да успеете некаде, секаде ќе успеете кога имате повод. Има толку многу можности, светот дава за секој да стане некој и нешто“, истакнува нашиот светски доктор, кој стана револуционер во откривање метода за намалување на дебелината кај луѓето.
Специјализирал ендоскопија, гастроентрологија, и за себе скромно вели дека е меѓу петте први, број еден, ендоскописти во светски рамки.
Во „Џемели“ клиниката, која е центар за тренинг на глобално ниво, доаѓаат специјалисти од цел свет за да научат нови методи. Особено му е драго, како што вели во интервјуто за МИА, кога доаѓаат од Македонија, а тој на сите се обидува да им помогне за едукација.
Италијанскиот медиум „Ла Република“ неодамна објави сторија за Вас, за вашата метода за намалување на дебелината кај луѓето, што се применува во водечката клиника „Џемели“ во Рим. За што станува збор?
Станува збор за ендоскопска метода, процедурата се вика ендоскопска вертикална гастропластика, процедура што јас ја воведов во 2013 година во Италија, а во САД беше во 2012 година. Од тогаш ја правиме редовно, речиси девет процедури неделно правиме за пациенти со коморбидитети – дијабет, висок крвен притисок итн.
Се прави преку уста – хранопровод, желудник, за време на гастроскопија. Станува збор за мини инвазивна процедура којашто е помалку ефикасна од хирургија и цело време се бориме да дојдеме до решение за да биде процедура што може да ги покрие сите пациенти со дебелина. Jас ја воведов оваа метода за аблација, т.е. горење на фундусот на желудникот, горниот дел на желудникот каде што има клетки на грелин (хормон кој го зголемува апетитот). Имаме откриено дека тие клетки кај дебелите пациенти се хипертрофични, произведуваат многу хормон. Имаме направено електронска микроспопија и за нас е многу лесно ендоскопски да ги изгориме тие хормони, кога се горат паѓа мукозата и се обновува. Новата мукоза кога расте е здрава и има здрави клетки и со оваа метода даваме плус бустер на вертикалната ендоскопска гастропластика. Резултатите се многу добри – губење на тежината од 28 отсто на почетниот БМИ по 12 месеци и намалување од 32 отсто по 18 месеци. Тоа е сензацијалниот дел што со оваа метода се додава аблација на фондусот и се стигнува до 32 отсто.
Во октомври треба да излеземе со официјална публикација. Во меѓувреме, Ербе Електромедицин ни ја направи сондата „Mовива“ и католичкиот универзитет „Џемели“, каде што сум јас професор и фондацијата „Џемели“, што се една организација, излезе со официјално соопштение дека сме добиле одлични резултати. Веста ја презедоа над 40 италијански медиуми меѓу кои и „Ла Република“, италијанската новинска агенција АНСА, весникот „Ил месаџеро“, како и помали портали.
Ве декларираат како првиот лекар во светот кој вовел иновативна метода со специјална гастроскопија која дава исклучителни резултати во процесот на слабеење. Што за Вас претставува ваквата квалификација?
Да, Endosleeve основната процедура – ендоскопска вертикална гастропластика, како што ви кажав, јас ја воведов во 2013 година. И, на светско ниво сум меѓу првите коишто ја имаат промовирано, имаме публикации итн. во областа, со тоа што ова е моја иновација да се додаде и аблација на фундусот на желудникот.
И за мене, нормално, тоа е доста афирмирачки, и сум задоволен затоа што можам да помогнам конкретно на пациентите. Мини инвазивната метода може да се направи со општа анестезија, со блага седација итн., и може да се направи и кај педијатриска популација и кај геријатриска популација. Најстар пациент што сум оперирал е 85 години. Пациентите може да бидат и со тешки коморбидитети каде што не може да се прави хирургија. Така што помагаме доста на сите пациенти. А, јас сум задоволен, затоа што има и доста истражувачки активности околу тоа.
Се посочува дека тестирањата во клиниката „Џемели“ кај пациенти со дебелина се многу позитивни. Што покажуваат прелиминарните резултати?
Прелиминарните резултати се многу, многу добри. Се надеваме дека ќе останат вакви со текот на времето затоа што сепак станува збор за хронична рецидивна болест. И, како што ви кажав, во моментов е до 32 проценти од губење на телесната тежина, што е сензационално за една мини инвазивна метода што трае 30 минути. Мислам е доста, доста добар резултат.
Во последно време, со цел намалување на прекумерната тежина, тренд кај луѓето, особено кај младите, е стеснување на желудникот. Таквите операции претежно се изведуваат во Турција, која стана „популарна медицинска дестинација“ токму за таа намена. Колку вашата метода е различна од оваа и кои се предностите?
Има огромна разлика помеѓу двете методи. Методата која ја спомнавте е гастрактоми, што значи дека се сече дел од желудникот и се фрла, се тубулизира. Ендослив, тоа што го правиме ние, што го правам јас, е ендоскопска редукција преку уста, желудникот се набира од внатре и не се сече ништо. Во мојата метода, ендослив плус аболација на фундусот, компликациите се помалку од еден процент. Многу, многу ретко на еден од илјада пациенти, може и помалку, може да има перфорација која што се решава едноскопски. За разлика од гастрактомите т.е. процедурата која што се прави хируршки компликациите се доста повисоки дури и смртоносни, може да има многу хронични проблеми итн. Плус пациентите често имаат рефлукс и може да доведе до прекарцинози итн., што значи дека е доста доста поагресивна хируршката варијанта.
Двете процедури се прават на пациенти со хронична болест која што рецидивира, т.е. обезитет. И кога вие имате таков пациент, мора да го следите на почетокот секој месец, па на три месеци, на шест месеци. Мора да има диета, психолошка реедукација итн. А, пред тоа има ендокринолог, психолог, нутриционист, хепатолог, кои ги валутираат пациентите за да дадат индикација за операција. Сега може да замислите кога еден пациент оди во странство и плаќа за да биде опериран во друга држава, како може после да биде следен низ време за една хронична болест. И, плус ако има компликација која често се открива по месец дена. Кој ќе ја решава таа компликација. Во Белград има пациенти кои се оперирани во странство, во Македонија, во Албанија, во сите балкански земји, и после се создаваат ситуации коишто се доста комплексни за решавање.
Процедурата што ние ја имаме воведено значи е тотално репрусирана од здравствениот систем, бесплатна е за пациентите. Нормално, како и во секоја болница, има варијатни да се плати, но огромен број од пациентите се на бесплатна листа и се е рефундирано од Фондот, затоа што станува збор за болест. Дебелината е болест којашто е дефинирана од СЗО, не е естетски проблем.
Пациентите со дебелина се пациенти кои имаат многу коморбидитети, кои имаат психолошки проблеми, кои имаат хипертензија, дијабет, остеоартикуларни болки итн. И таквите пациенти често не одат на работа, често имаат социјални проблеми, често мора да земаат денови за боледување, често земаат доста медикаменти, и се на товар на државата. Доколку државата инвестира за да се намали бројката на пациентите со обезитет тогаш ќе има поздрава популација и работна популација која е посреќна итн.
Според Светската федерација за дебелина, до 2035 година се очекува над половина од светската популација да биде со прекумерна тежина. Кои се вашите совети за превенција на овој здравствен проблем и за решенија за оние кои веќе се соочуваат со дебелината?
Дали се сеќавате пред дваесетина години имаше битка против пушењето. И се уште има битка. И на секоја кутија цигари пишува „пушењето е штетно по здравјето“. Кога вашите деца гледаат телевизија, моите исто, има реклами за секакви типови на нездрава храна, „фаст фуд“, „софтдринкс“ итн., но никаде не пишува дека таа храна и тие пијалоци се штетни за здравјето на вашите деца, па и на вашето. Треба сето тоа да тргне од Европскиот парламент каде што има неколку барања за да се направи тоа, но со доста јако лоби, како што постоеше и за цигарите, и за тутунот, за сите типови на тутун и е препуштено на самите држави, што значи секоја држава треба да си го регулира домашниот проблем со дебелината.
Тоа е еден дел, што значи кога ќе имате постојан притисок по сите медиуми дека треба да избегнувате нездрава храна, нездрави пијалоци, алкохол, се решава еден дел од проблемот. Другиот дел од проблемот е домашна едукација. Кога децата не сакаат повеќе да јадат, родителите не треба да инсистираат да завршат со храната, да се заврши тањирот, итн, тоа е доста присутно во јужна Италија, на Балканот, каде што ако детето не јаде, значи дека нешто му е или пак нема да порасне (се смее) итн. Домашната едукација – родители, баби и дедовци, е многу важна, затоа што уште од доење, уште од раѓање, почнува едукацијата за правилна исхрана. Правилна исхрана да се даде, нормално, зависи од економските услови на секое семејство, да се даде храна којашто е здраво готвена, здраво подготвена. Не значи ако е скапа дека е здрава, има доста евтини работи коишто се многу здрави, и на начин на кој се спремени. Значи, првиот столб е семејството, а вториот столб е државата која треба да инвестира во здрава популација. Третиот столб е школскиот систем каде што треба да се едуцираат децата на здрава исхрана, на еколошко однесување со средината, на запазување на средината. Сето тоа е поврзано, тоа е синџир помеѓу исхрана, средина, едукација, и од сите страни треба да има поддршка за тоа.
Секретарот за здравство на САД, Роберт Кенеди Јуниор вели дека едно од пет деца во САД имаат прекумерна тежина, а во 1980 година имало едно од 20 деца. Тој вината ја наоаѓа во процесираната храна полна со вештачки шеќери која им се дава на децата и поведе „војна“ против прехранбените компании. Дали имате податоци каква е состојбата на овој план во Италија и во Европа?“
Никој нема подобра регулација на апетит од дете. Детето знае кога е доста, кога не сака повеќе да јаде. Подобро е да јаде почесто, но помалку. Јас не сум нутриционист, за тоа има стручњаци. Тоа е доста битен момент, ова се клучните моменти. И потоа, моментално на светско ниво, станува збор за глобезити, што значи глобална пандемија. Борбата е уште од првите денови на раѓање на децата, значи правилна едукација за правилна исхрана.
Како што ви кажав станува збор за глобезити. Ако отворите The ekonomist ќе видите дека во 2022 или 2023-та излезе на прва страница наслов дека бројот на дебели деца е поголем од децата коишто се неухранети моментално, што е тотално обратно од пред 20 години. Се разбира, сето тоа се должи на процесирана храна, ама кој им дава процесирана храна на децата – родителите и фамилијата, тоа што можат да си дозволат луѓето да си купат.
Нормално, во Мекдоналдс храната е многу поевтина, отколку во еден ресторан. Луѓето имаат пристап до евтина храна која што е многу често и нездрава. Како што кажав, има евтина храна којаштo е здрава – грав, грашок и сите зеленчуци се доста поевтини и поздрави од која било друга исхрана.
Зголемeната тежина e директно поврзана со дијабетес 2 и зошто тогаш државите не посветуваат повеќе внимание кон превентива, макар влегле во судир со големите прехранбени компании, отколу потоа да трошат милијарди евра за лечење на дијабетот?
Ова е поврзано со претходните две прашања. Како што одговорив, борбата е со мултинационалните компании за „софт дринкс“, за нездрава храна, шеќер… Тука има огромен дел со конзерванси и сите супстанци коишто го уништуваат микробиотот на цревата посебно на дебелото црево. Сите супстанци коишто имаат, коишто унифицираат масло со вода, како на пример мајонезот. Ако направите мајонез дома, утредента ќе го најдете одделено маслото од водата. Нема да го купите таков во супермаркет затоа што ќе мислите дека е расипан. За да ги ставите во соединение маслото и водата, треба да ставите емулзификанти внатре, кои ги има секаде, во сите производи, во сладолед, во тестенини, во пршут, во се што е конзервирано, пакувано, плус конзерванси, плус вештачки бои. Сите тие супстанции ги уништуваат бактериите и фосфолитската мембрана на бактериите на микробиотот и тоа има огромен удел во дебелината, особено кај децата. Кај возрасните под нездрава храна се подразбира алкохол, процесирана храна итн.
Вие сте признат научник и клиничар во областа на гастроентерологијата во глобални рамки. Колку вашето знаење и искуство може да биде применето и во нашата земја?
Македонија е мала држава со многу паметен народ, многу итар народ. Така што, доста голем број фамилии готват дома, се уште мислам дека е така. И тоа е многу позитивно кога се купува храна, кога се готви, кога се спрема. Подобро е да се стане пола саат порано на сабајле за да се приготви здрава храна за децата, за себе за ручек кога сте надвор, отколку да купите нешто коешто е спакувано и да го конзумирате на работа. Сето тоа е многу важно за борба против дебелината. Многу подобро е помалку да јадете, ќе се чувствувате поздрави, отколку да се прејадете, и да имате здравствени проблеми.
Во Македонија, како што кажав, мала земја со паметен народ, може да се применат различни методи. Прво, најбитно е потребен доволен економски статус за да се дојде до здрава храна, а како што кажав здравата храна не значи дека треба да биде и скапа. Сето тоа е поврзано и во круг.
Доктор Бошкоски, Вие сте медицински директор на Одделот за дигестивна ендоскопија во ватиканската болница „Џемели“ и вонреден професор по гастроентерологија. Кој е Вашиот пат до реномираната клиника каде што се лекуваат и римските папи?
Не сум директор, јас сум одговорен за целиот дел за истражувања, научни протоколи итн. Имам доста патенти, различни протези се мои патенти. Пред пет години имам измислено регенеративна ендоскопија, што беше објавено во многу престижни светски журнали. Бев член на УО две години на Европското здружение за ендоскопија во светски рамки итн.
Мојот пат е доста долг – студирав две години медицина во Скопје, потоа се префрлив во Перуџа, во Италија, завршив медицина таму. Ми ги признаа првите испити, од првите две години од Скопје. Во Скопје има многу добра школа за медицина. И, многу е тешко кога се оди надвор. Навистина бев детиште кога заминав од Македонија. Морав и да работам и да учам во исто време, да одржувам кредити, да одржувам просек, добив стипендија, тоа е доста долга приказна.
Само кога сакате да успеете некаде, секаде ќе успеете кога имате повод. Тоа што го гледам денес – многу млади деца ни работат, ни учат, е доста шокантно за мене. Има толку многу можности, светот дава за секој да стане некој и нешто.
Одлуката да одам на „Џемели“ беше против сите кои одеа на други места оти им беше страв да одат на „Џемели“, бидејќи е најпрестижна клиника и католички универзитет во Италија. Јас се одлучив да одам таму оти сакав да пробам. А, втора варијанта за специјализација, по Италија, беше Германија. Доста многу учење. Ненормално тешко е да се влезе на специјализација. Специјализирав на Кампус Био-Медико, кој што е близу „Џемели“, тоа е друг универзитет, и од таму добив докторат на „Џемели“.
Специјализирав ендоскопија, гастроентерологија, и можам да кажам моментално, не сакам да се фалам, но јас сум меѓу пет до шест први, број еден, ендоскописти во светски рамки, и во обемот на ендоскопија што е за жолчни патишта и панкреас за баријатрична ендоскопија, регенеративна ендоскопија што јас ја имам измислено, а сега доста центри ја воведуваат.
Ние во „Џемели“ сме центар за тренинг на глобално ниво. Од цел свет доаѓаат луѓе да научат од нас нови методи. Многу ми е драго кога доаѓаат од Македонија, на сите се обидувам да им помогнам за едукација. Исто и за цел Балкан, од Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, Босна, Словенија и тн. Од секаде доаѓаат специјалисти за да научат нови методи кај нас, вели Бошковски во интервјуто за МИА кое го пренесува Канал 5.
Последни вести
Навремена реакција на МВР спречила можна трагедија во Македонија
Ноќеска кај Ростуше уапсен Охриѓанец кој испил 6 чаши ракија, вино или пиво
Знае ли дека министерот кој најави дека сите ќе одговараат е охридски зет и ќе дознае за ,,финтата” која ги иритира граѓаните?
Ќе одговара ли охриѓанецот што мисли дека е најумен а кој прави прекршок?