Македонија

Мицкоски: После локалните избори ќе предложиме резолуција за заштита на националните интереси

Мицкоски изнесе повеќе забелешки за предложената резолуција на СДСМ

Претседателот на Владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва изјави дека по завршувањето на локалните избори во Собранието ќе предложат македонска резолуција која што ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси. Мицкоски изнесе повеќе забелешки за предложената резолуција на СДСМ, наведувајќи дека она што му паднало во очи во преамбулата е дека содржи неточни факти и лаги, и дека на ваков начин не се штитат македонските национални интереси.

– И ние како ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна државотворна партија ќе направиме една вистинска резолуција. Еве како подлога ќе ја искористиме оваа резолуција и преку собраниските комисии после завршувањето на локалните избори ќе формираме т.н. македонска резолуција која што ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси. Нешто што, за жал, за СДСМ видовме дека во минатото не постои, а мене ми е жал што и овој претседател на СДСМ како и неговите двајца претходници продолжува по таа патека, рече Мицкоски.

Премиерот кажа дека имал кратко време да го прочита документот што СДСМ го достави во Собранието и немал време да навлезе во детали, бидејќи за него ќе се дискутира после изборите. Од она што успеал да го види рече дека има доста работи што тие сметаат дека би допринеле во квалитетот на самата резолуција, но она што му паднало во очи а, како што потенцира, „е типично за СДСМ да фалсификува и лаже“ се оние неколку точки кои се во самата преамбула на резолуцијата.

-Да речеме се обидува да се негира еден историски факт и да се каже дека македонскиот јазик бил официјален јазик во ОН во 2019 година. Тоа е една монструозна лага, посебно во годината кога славиме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик и неговото примање во ОН како официјален јазик на тогашната југословенска федерација заедно со српскохрватскиот и словенечкиот јазик. Бидејќи денеска целта ни е културата, јас би сакал овој монтруозен фалсификат кој што е дел од оваа резолуција категорички македонската јавност да го отфрли и да го осуди, рече Мицкоски.

Според него, истовремено има неколку други фалсификати, а тоа е дека во 2005 година Северна Македонија не доби датум за почнување на преговори туку Република Македонија, односно тогашната држава која во меѓународниот поредок беше Поранешна Југословенска Република Македонија.

-Исто така и во 2009 година прв позитивен извештај за отпочнување на преговори доби Република Македонија согласно Уставот. Самата конструкција е лажна, но тоа е типично за СДСМ и последно што сега би го искоментирал а за деталите ќе се вратиме после изборите е конфузијата која што е во самата резолуција. Зборуваме за копенхагеншки критериуми а потоа ги цитираме двата билатерални договори со Грција и со Бугарија. Едно со друго не се комплементарни, така што има многу што да се даде како инпут, рече Мицкоски.

Најнови вести од: Македонија

Онлајн купувачи се жалат на проблеми при пазарењето, најчесто за бавна испорака

Бавната испорака е најчестиот проблем на е-купувачите. Повеќе од една третина (35,4%) од онлајн купувачите во ЕУ пријавиле проблеми при купување преку веб-страница или апликација, покажува истражувањето на Евростат од 2025 година за користење на информатичко-комуникациски технологии. Во Македонија, проблем при е-шопинг имале 29,41 отсто од купувачите.

Над 400 милиони денари само лани вложени во инфраструктура во Битола

Во тек се 10-ина нови проекти (реконструкција на улици и патишта, изградба на нови, комунална инфраструктура, спортски игралишта). Коњановски најави дека со почнувањето на градежната сезона ќе има многу работа во оваа календарска година, во која благодарение и на соработката со Владата веќе се склучени договори.

Димитриевски: „Да“ за Европа, но европски пат со заштита за македонскиот идентитет и без отстапки кон Бугарија!

Лидерот на ЗНАМ предлага парламент со 90 пратеници како дел од пошироки изборни реформи. Истовремено бара заштита на македонскиот идентитет и европски пат без отстапки кон Бугарија.

To top