Филипче ја пренасочува политичката дебата кон Србија за да ги избегне прашањата за состојбите во сопствената партија, неговиот личен рејтинг и слабата внатрепартиска кохезија.
„ Однесувањето на претседателот Филипче е прилично едноставно. Тој би сакал да разговара за сè, освен за состојбите во СДСМ, за неговиот рејтинг или за кохезијата на нивната политичка партија. Затоа разговара за Србија. Очекувам да почне да разговара и за Бразил, дека таму победила СДСМ “, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски во синоќешното гостување во емисијата „Колегиум“ на ТВ Алфа.
Според него, Филипче ја пренасочува политичката дебата кон Србија за да ги избегне прашањата за состојбите во сопствената партија, неговиот личен рејтинг и слабата внатрепартиска кохезија.
Но, главната критика на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ не се однесува само на темите што ги отвора Филипче, туку и на улогата што, според него, СДСМ не успева да ја одигра како опозициска партија.
Милошоски оцени дека на земјата ѝ е потребна посериозна и поконструктивна опозиција, со капацитет да ја контролира и коригира власта, но и да понуди алтернативни решенија за политичките и економските предизвици. Според него, СДСМ под водство на Филипче не успева да го искористи потенцијалот што го има една опозициска партија.
„Нас ни е потребна посериозна, позрела опозиција со посилен потенцијал. Гледаме дека тој, како лидер на политичка партија, е слика на состојбата што ја имаме дома, односно имаме лидер на политичка партија што нема капацитет да го искористи опозицискиот потенцијал и да биде сериозен критичар на власта или да нуди сериозни политички или економски алтернативи“,изјави Милошоски.
„ Ако тој смета дека рејтингот на СДСМ расте, тогаш би било логично да побара предвремени избори.
Ако не бара предвремени избори, тогаш јасно е зошто не ги бара, бидејќи рејтингот му е прилично слаб.
Дури и ако гледате, рејтингот на СДСМ како политичка партија е повисок од неговиот личен рејтинг, што значи дека симпатизерите на СДСМ не би гласале за претседателот на нивната партија“, рече Милошоски.
Милошоски се осврна и на честото споменување на Србија во соопштенијата на СДСМ, сугерирајќи дека зад тоа може да стои координација со ПР-агенција што работи и во Македонија и во Србија.
„Веројатно имаат ПР-куќа што има релации и со Македонија и со Србија и затоа СДСМ последнава година во секое трето соопштение има дел од српската политика во тоа соопштение, кое треба да биде насочено како критика кон нашата власт, а истиот Филипче постила црвен килим за еден пакет вакцини“, рече Милошоски.