Македонија

Мирка Гинова, симболoт на македонскиот идентитет и непокор во Егејска Македонија – 80 години од смртта

На денешен ден, на 26 јули 1946 година е стрелана Мирка Гинова, национален деец и борец за македонската кауза и слобода во Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција. „Мирка Гинова била многу активна во организирањето на отпорот против особено жестокиот терор врз Македонците во Егејскиот дел на Македонија, спроведуван од грчката десница и грчките државни органи. Секојдневно го организирала македонскиот народ. Со својата активност станала позната во цела Егејска Македонија, но и за грчката полиција, која поради тоа настојувала да ja убие.“ – пишуваат универзитетските професори-историчари д-р Лилјана Пановска и д-р Тодор Чепреганов во своја научна статија. Гинова е првата жена и Македонка, стрелана во Грција од политички причини. Посмртно е прогласена како народен херој од Македонија.

Крајната бруталност на фашистичкиот режим на Метаксас кон Македонците во Грција

Мирка Гинова е родена во 1916 година во сиромашно македонско семејство, во село Русилово, Воденско, во Егеjскиот дел на Македониjа. На двегодишна возраст останува без својата мајка и ги почувствувала сета горчина и страдања во животот. Нејзиниот татко Константин Гинов, иако сиромашен, согледувајќи ја нејзината жед за знаење, со малку пари ја испратил на курс за учителки во Костур. По завршувањето на учителската школа во Костур во 1939 година Мирка подолг период се обидувала да се вработи, но шест години фашистичкиот режим на Метаксас ја попречувал да најде вработување. Во овој период диктаторскиот режим со крајна бруталност ги прогонувал Македонците, третирајќи ги како граѓани од втор ред и интернирајќи ги по пустите острови во јужниот дел на Грција. Пред почетокот на грчко-италијанската војна, на 29 октомври 1940 година, таа е назначена како учителка во Воденско. Нејзиното учителствување нема да трае долго. Хитлеровата воена машинерија во април 1941 година ја окупира Грција. Грчката војска набргу капитулира на 20 април 1941 година.

Мирка Гинова

Со почетокот на фашистичката окупација на Грција се влоши уште повеќе положбата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија. Свесна дека само преку оружена борба може да се стигне до слободата, Мирка Гинова ќе се приклучи во редовите на Федерацијата на комунистичката младина на Грција – ОКНЕ и на Националната панеленистичка организација на младите – ЕПОН. Како активист на ЕПОН ги организира македонските младинки и младинци, кои ја помагаат народноослободителната борба. Мирка Гинова регрутира нови борци и заминува во партизани во 1943 година во околината на Кајмакчалан. Илегално дејствува по воденските и мегленските села. Заедно со илјадници македонски и грчки патриоти таа се бори против фашистичките окупатори на Грција, а подоцна и против силите на грчката реакција и монархофашизам. Како борец на македонското национално ослободително движење Мирка стана симбол за храброста и смелоста на македонската жена.

Борбата на малубројниот партизански одред на Гинова со 400 грчки џандари и војници на 6 јули 1946 и нејзиното заробување

Во 1943 година Гинова се вклучува во редовите на народноослободителната борба и станува секретар на Антифашистичкиот фронт на жените за Воденскиот округ. По капитулацијата на Германија во 1945 година радоста на населението во Егејскиот дел на Македонија не траеше долго. По ослободувањето на Грција новата власт започна да ги прогонува членовите на ЕЛАС, кои масовно беа апсени, затворани и подложени на невидена тортура. Посебно беа подложени на репресалии Македонците во Егејскиот дел на Македонија. Во 1945 година Мирка се приклучува на Тајната ослободителна македонска организација (ТОМО) и при избувнувањето на граѓанската војна во Грција учествува во оружените групи на Народноослободителниот фронт. На 6 јули 1946 година во местото Долга Ливада на планината Почеп, во близината на Воден, Мирка Гинова формирала мал партизански одред. Набрзо, во една акција на 400 грчки џандари и војници, одредот бил опколен и започнала борба, во која Мирка Гинова како единствено вооружена убила двајца џандари. Кога останала без муниција, Мирка Гинова, заедно со шестемина свои другари била заробена.  

Мирка Гинова (од лево) и непозната партизанка. Октомври 1944 година, Воден

Иако била ужасно мачена и потоа носена раскрвавена низ улиците на Воден, Мирка одела со крената глава, за сето време смешкајќи им се на луѓето!

Грчките џандари брутално се нафрлиле врз неа. Со распарчена облека и целата облеана во крв ја носеле по улиците на Воден. Но Мирка одела со исправена глава и цело време им се смешкала на луѓето, кои се собрале да ја видат. Потоа, започнало ужасно мачење: била тепана со дрвени колци, кундаци и метална жица. Под ноктите ѝ забивале шајки, а низ телото ѝ спроведувале струја. Била жива закопана до висина на вратот, додека жандарите пукале над нејзината глава. Потоа, Мирка Гинова и шесте нејзини другари биле спроведени во Ениџе-Вардар. На судењето, кое се одржало во градското училиште на 25 јули 1946 година, воениот суд ја осудил на смрт со стрелање. За време на судењето таа ја покажала сета своја храброст, велејќи во своја одбрана: „Mакедонка сум. Верувам во Комунистичката Партија на Грција, бидејќи само таа ги претставува желбите на луѓето во Грција и гарантира за Македонците еднакви права со сите други. Се борев против Германците … и сега сум горда дека умирам, бидејќи се борев против новите окупатори.“ 

Мирка ја пресретна смртта со насмевка на усните, смело пеејќи!

Слична храброст ќе покаже и на стрелањето на 26 јули 1946 година, кога не дозволила да ѝ ги врзат очите. За сето време ја пеела “Интернационалата”, викајќи: “Ура за Комунистичката партија на Грција!” Грчки војник, кој присуствувал на чинот на стрелањето, ќе ги забележи последните мигови на Мирка Гинова. Во писмото испратено до нејзиниот татко Константин тој ќе напише: „Ви честитам за ќерката, што сте ја родиле. Ја пресретна смртта со насмевка на усните, смело пеејќи. Сите присутни се зачудивме. Во 5.30 ѝ се доближив и ја прашав дали сака нешто да им напишам на родителите. Таа ми рече: ‘Ако милувате, пишете му го на татко ми следното: Умирам за нешто, во што верувам со сета душа, како чесна, а не како нечесна, за поарен живот на другите, а не за мојот живот.‘ Беше чудесна, ниту пред смртта не покажа малодушност. Исто така и другите шестмина, но повеќе таа. Не ви ги пишувам овие зборови, за да ја пофалам вашата ќерка, туку ја изложувам само вистината, што ја видов. Ја имав желбата да ви ги напишам последните зборови на незаборавната Ирина, на сите позната како Мирка…”

Биста (спомен-обележје) на Мирка Гинова во Алејата на народните херои во Градскиот парк во Битола

Гинова, хероината на сиот македонски народ, ѝ појде во пресрет на смртта со невидена храброст и со насмевка на усните. По невидените измачувања од грчките џандари и војници во последните мигови на животот со најголема гордост таа ги искажуваше своето македонско национално потекло и идентитет како Македонка, но и своето револуционерно вјерују – кредо за слободата на македонскиот народ и за соживот со грчкиот народ. Покрај Мирка биле стрелани и нејзините соборци Ристо Стојанов (45), Томе Мијангов (55), Георги Проев (25), Петре Поп Димитров (35), Димитар Лимбов (40) и Горгиос Муцакис -Алеко. Мирка е првата жена, стрелана во Грција од политички причини. Народот ја опеал нејзината смрт, а повеќе македонски поети ѝ посветија потресни стихови. Меѓу младоста и куршумот ја избра бесмртноста. За своите заслуги е посмртно прогласена како народен херој од Македонија.

 

Извори: статија „Мирка Гинова“ на „Википедија“, статија „Мирка Гинова“ на „Македонска нација“ и научна статија статија „Мирка Гинова во британската дипломатска кореспонденција“ на проф.д-р Лилјана Пановска и проф.д-р Тодор Чепреганов

 

Најнови вести од: Македонија

Клучката кај Момин Поток ќе биде завршена до Нова година

Градежните работи на клучката кај Момин Поток се 75 проценти реализирани. Овој потег ќе биде завршен до Нова година, а по пуштањето во употреба сериозно ќе го намали метежот и ќе овозможи сугурен, безбеден сообраќај, рече денеска градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски изврши увид во градежните работи.

Мицкоски: Опозицијата шири хистерија, Владата остварува резултати – во рекорден рок решен проблемот во Гостивар

Политиката на опозицијата е да конструира лаги и да шират хистерија, а политика на Владата е да остварува резултати. Ние така и ќе продолжиме, порача премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

ВМРО ДПМНЕ: СДС им излегува пресрет на ДУИ и Таравари и не бара одговорност од Валбон Лимани, кој е таму благодарение на нив

„СДС, како и секогаш, така и сега одлучи кризата во Гостивар да ја претвори во игранка за да си собери некој поен плус. Но, никако од СДС да слушнеме да побараат одговорност од градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, кој не се чувствувал виновен за тоа што здравјето на граѓаните е загрозено.“ – нагласува ВМРО ДПМНЕ во своето соопштение.

Скопје одбележува 63 години од катастрофалниот земјотрес – трагедија, од која никна „Градот на солидарноста“

Денес се навршуваат 63 години од катастрофалниот скопски земјотрес, трагедија што засекогаш остана запишана во колективното помнење на скопјани и сиот македонски народ. Во 5 часот и 17 минути, додека поголемиот дел од скопјани сè уште спиеле, силен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала (9 степени според Меркалиевата скала) го погодил градот. Потресот траел само дваесетина секунди, но тие неколку мигови биле доволни за да однесат илјадници животи, да урнат цели населби и засекогаш да го променат изгледот на Скопје.

Најнови вести

To top