Македонија

Мицкоски: Треба неколку пати да се размисли пред да се направи каков било чекор во врска со евроинтеграциите

Се сеќавам на таа 2018 година кога насила се туркаше промената на уставното име и многумина од европските дипломати нè убедуваа дека прозорецот е отворен, дека сега е моментот – а сега сме на истото место каде што бевме пред 2021 година, вели премиерот

Нема никаква дилема дека ќе разговараме, разговараме и сме разговарале со цел да бараме решение за евроинтеграциите, прашањето е што разговарате и која е вашата црвена линија до која вие одите во тие разговори, вели премиерот Христијан Мицкоски во врска со тоа дали има разговори за да се најде решение за придвижување на ЕУ процесот.

Во вчерашното гостување на Сител, премиерот рече дека позицијата на Македонија беше комплетно предавнички губитничка врз основа на тоа што го потпишала претходната Влада.

„ Е сега од таму почнуваме и се обидуваме педа по педа да повратиме нешто што може да се поврати. Така што ќе продолжиме да разговараме“, рече Мицкоски.

„…оваа Влада, покрај тоа да се грижи да ги реши домашните проблеми и домашните предизвици, да успее да ги реши и меѓународните, односно надворешните предизвици што се многу поголеми, имајќи ја предвид позицијата каде што почнавме, бидејќи 100:0 беше изгубена позицијата којашто ни ја остави претходната Влада“,  посочи премиерот.

Во врска со тоа дали може да се зборува „за ист воз“ за проширувањето со нашите соседи Црна Гора и Албанија, Мицкоски рече дека ние на предизвиците треба да се одговори со засилување на испораката на реформите од Реформската агенда.

„ Се сеќавам на таа 2018 година кога насила се туркаше промената на уставното име и многумина од европските дипломати – тогаш ние бевме политичка партија во опозиција – нè убедуваа дека прозорецот е отворен, дека сега е моментот, дека ние сме фронтранери во регионот и дека ако го прифатиме и свариме овој залог, дека веднаш стануваме земја членка на НАТО. И бидејќи сме ние тие што сме фронтранери, на брза лента ќе бидеме ставени, во рамките на четири-пет години ќе ги завршиме преговорите и ќе станеме земја членка на ЕУ. Тие четири-пет години поминаа пред две-три години. Ние се наоѓаме на истото место каде што бевме пред 21 година, односно со статус кандидат – рече Мицкоски.

Во контекст на тоа, рече дека треба да се биде внимателен и оти неговата позизија не дозволува импровизации и брзоплети одлуки.

„ Треба неколку пати да се размисли пред да се направи каков било чекор, да се анализира, за да се повлече потег. Ние на овие предизвици треба да одговориме со засилена испорака на реформи„.

Премиерот исто така оцени дека во моментов е прилично сложена состојбата во светот и според него не се знае дали апетитот за проширување на ЕУ сè уште ќе биде во оптиката на големите европски лидери.

„ Ќе дадам мое гледиште. Првиот дел е дека интересот е поголем за проширувањето најмногу поради Украина. И во целиот овој контекст и Балканот како регион е опфатен. Но, се разбира, има многу предизвици во годините што се пред нас. Првите такви предизвици ќе се случат сега на есен, во најголемата економија во Европа, тоа е Германија, таму ќе има покраински избори, каде што гледаме еден висок рејтинг на Алтернатива за Германија, односно АфД партијата, којашто во една од покраините, Саксонија-Анхалт, може и самата да формира влада. Тоа може да претставува индикатор за реструктуирања и репозиционирања во германското општество и Германија како држава. И не сум сигурен дали тогаш апетитот за проширувањето сè уште ќе биде присутен или фокусот ќе биде кон домашните предизвици. Оти од друга страна, не сум сигурен дека втората поголема економија во Европа, тоа е француската, сè уште ќе го држи фокусот на проширувањето до есен, имајќи предвид дека таму имаме вовед во кампања за следните претседателски избори коишто ќе се случуваат на пролет, каде што гледаме дека Ле Пен, Бардела и останатите имаат сериозни шанси да влезат како победници. Нивната политика во делот на проширувањето на ЕУ ја знаете. А од друга страна, знаете кој е условот во францускиот парламент – три петини или референдум за прифаќање на нови земји членки во во ЕУ“., рече Мицкоски.

Најнови вести од: Македонија

За пет месеци од патарина инкасирани над 31 милион евра

Според собраните средства и цената на билетите највисоки приходи има на Романовце, по што следуваат Миладиновци, Петровец, Глумово, Желино, Тетово, Стоби, Преод, Гостивар, Сопот, Гевгелија, Кадрифаково, Отовица, Демир Капија

Утрово активни пет пожари од 37 регистрирани за 24 часа

На барање од директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, вчера конвој на Противпожарната бригада на Град Скопје се упати кон Мариово,  а против огнената стихија се ангажирани и триесетина војници

Зеколи: На 26 август камен-темелник на втората фаза од автопатот Скопјe-Блаце

Заменик-министерката за транспорт, оствари средба со министерот за инфраструктура и транспорт на Република Косово, Димал Баша, на која фокусот беше ставен на стратешките инфраструктурни проекти што ги поврзуваат двете соседни земји

Од септември бесплатни учебници за сите ученици од прво до четврто одделение

На 1 септември за секое дете од прво до четврто одделение ќе има учебници. Новата учебна година ќе стартува без проблеми со дистрибуцијата на бесплатните учебници, кои, според министерката за образование и наука Весна Јаневска, веќе се доставени до училиштата. Но оние училишта што навреме не пријавиле потребно количество ќе треба самите да обезбедат учебници бидејќи МОН испорачува според нарачаното.

To top