Можеби езерото Комо во регионот Ломбардија, Италија, привлекува повеќе од еден милион туристи годишно, но Охридското Езеро, прогласено за најубаво во Европа, нуди едно поинакво искуство, пишува списанието „Тајм аут“.

„Тоа е едно од најстарите и најдлабоките европски езера, кое се наоѓа на границата меѓу Албанија и Македонија. Пејзажот не е далеку зад својот италијански конкурент, кој се состои од кристално чиста сина вода, планински врвови во позадина и брег испреплетен со историски градови каде што времето како да застанало“, пишува списанието.
„Главниот центар на македонската страна од езерото е градот Охрид, сместен веднаш на брегот. Неговиот стар дел е полн со тесни калдрмисани улички, а е познат и по стотиците средновековни цркви – според легендата, некогаш имало 365 од нив, по една за секој ден од годината.
Карактеристична глетка се теракотните покриви што се спуштаат кон водата. Денот тука може да се помине во пливање и истражување на античките остатоци, а вечерите се резервирани за гледање на зајдисонцето зад планините, сето тоа без цените што го придружуваат одморот во Ломбардија.
Албанската страна на езерото нуди малку поинаков, див пејзаж и потивки села. Селото Лин се издвојува, каде што има остатоци од стар мозаик. Сликовити кампови покрај брегот се исто така достапни за посетителите, каде што може да се резервираат лежалки и сместување по многу прифатливи цени“, пишува „Тајм аут“.