Македонија

Муцунски: Патот кон ЕУ мора да се темели на заслуги, не на билатерални прашања!

Македонија е подготвена да продолжи по европскиот пат, но очекуваме јасни гаранции дека процесот ќе се одвива без нови блокади и со поголема предвидливост, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со литванскиот колега, Кестутис Будрис, кој престојува во официјална посета на земјата. На прашањето како го коментира тоа што министерот Будрис изјави дека сега е моментот за проширување и треба да се искористи, Муцунски оцени дека постои широка поддршка од земјите-членки за напредокот на Македонија, но дека се неопходни јасни уверувања за непречено одвивање на евроинтегративниот процес.

– Какви уверувања може да добие нашата држава, или гаранции, дека нема да се соочиме со постојани блокади од една земја членка. Затоа што тоа што е очигледно и по однос на таканаречениот консензус од 2022 година, има различни толкувања што доаѓаат и од 26-те земји членки, европските институции и една земја членка. Не дека ние како држава имаме отпор, свесни сме, и ние во сите наши изјави, ако мислите не само од мене, туку и од претседателката на државата, од претседателот на Владата, велиме дека ќе учествуваме во овој процес. Посебно по самитот во Тиват се чувствува енергија за придвижување веќе. Нема никаква дилема кај нас. Но ние нема да дозволиме да се реализира тој ризик, ние да ги направиме тие потези, повторно да имаме ваков тип на разговори, ваков тип на прес-конференции, каде што ќе бидеме во ситуација една земја членка да не биде коректна – рече Муцунски.

Тој посочи дека дијалогот со Бугарија треба да продолжи со поддршка од земјите‑членки и европските институции, со цел да се дојде до решение кое ќе обезбеди предвидлив и сигурен европски пат за земјата, заснован на мерит‑критериуми, а не на билатерални прашања.

– Не сме лековерни. И не сме наивни да мислиме дека одеднаш ќе има од страна на Бугарија некаква голема промена на позиција која е прилично агресивна и радикална. Затоа треба да го искористиме следниот период да најдеме начин на дипломатско ниво да се намалат тензиите и да продолжиме да разговараме врз основа на вредности, врз основа на принципи, врз основа на потребата политиката на проширување да биде базирана на заслуги, а не на субјективни билатерални прашања – рече шефот на македонската дипломатија.

Околу дипломатската нота поврзана со семејството на премиерот Христијан Мицкоски, Муцунски рече дека очекува истрагата да се направи, како што рече, „таму каде што најдобро знаат“. – Истрагата треба да се направи таму каде што најдобро знаат, нека се направи. И мислам дека тука, од официјална гледна точка, ние со Софија ја затворивме темата и очекуваме соодветен одговор од нивна страна. Според мене, не е во духот на добрососедството и пријателството да се каже дека се работи за стара информација. Тоа не е добар пристап кога ја оспоруваме дипломатската комуникација – рече тој.

Во однос на реформската агенда и роковите, министерот изјави дека верува во умешноста и на претседателот на Собранието и на парламентарното мнозинство. – Очекуваме во овој извештаен период, кој што завршува заклучно со 30 јуни, да бидеме најдобри во регионот и да ја потврдиме нашата посветеност кон реформите и кон европските интеграции. Конкретно за изборниот закон,  жалам што опозицијата не учествува во активната реформа. Не може и опозицијата во државата да вели дека е за Европската Унија, ако се во прашање законите и реформите поврзани со Европската Унија да има застој во процесите. Ни треба национален консензус во општеството, и доколку навремено се обезбедеше тој национален консензус, за европските реформи, немаше да бидеме сега во ситуација во последен момент да треба политички да се менаџираат овие состојби, но јас верувам во умешноста и на претседателот на Собранието и на парламентарното мнозинство – рече тој, додавајќи дека очекува повторно да бидеме најдобри во регионот во другите извештаи.

Продлабочувањето на политичките и економските односи, зајакнувањето на евроатлантската соработка и силната поддршка за европската интеграција на Македонија биле во фокусот на денешната средба меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и министерот за надворешни работи на Литванија, Кестутис Будрис, кој престојува во официјална посета на земјата. Како што изјавија на заедничката прес-конференција за медиумите по средбата, двајцата министри констатирале дека билатералните односи се одлични, со потенцијал за понатамошно продлабочување, особено во економската и трговската соработка. Било нагласено дека отворањето македонска амбасада во Вилнус претставува значаен чекор за унапредување на партнерството, а Литванија останува силен поддржувач на евроинтегративниот процес на земјата. Воедно, заеднички било оценето дека актуелните геополитички состојби бараат единство, засилена соработка и јасна ориентација кон европските вредности.

Најнови вести од: Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски најави мерки со кои младите двојки полесно ќе се стекнат со дом

Градежната компанија нема да може да добие дозвола за градба ако уште во процесот на урбанизација и проектирање не одвои најмалку 10 отсто од станбената површина за оваа мерка за младите, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски: Годишно 8,1 милиони евра оделе кај околу 4 илјади лица, кои немале право на социјална помош!

На седницата на Собранието посветена на пратеничките прашања, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се осврна на буџетот за следната година и предизвиците кои се очекуваат.

One Albania е првиот оператор во Западен Балкан со одобрение за тестирање на технологијата Direct-to-Device на SpaceX

Како дел од 4iG Group, One Albania продолжува да инвестира во напредни технологии, вклучувајќи 5G и оптичка инфраструктура, за да ја подобри поврзаноста и да ја зајакне својата телекомуникациска мрежа низ целата земја.

Јаневски: Потребен е критички однос кон оние, кои работат против државните интереси на Македонија, наместо да им се дава простор и влијание во јавноста!

Се покажа дека случајот со Ива Михаилова го води бугарската служба, но кај нас тенденцијата беше јасна – вината за нејзиното бегство да се префрли на МВР и на министерот Панче Тошковски – вели генералниот директор на Македонската информативна агенција – МИА Дарко Јаневски. Тој во гостувањето на „Колегиум“ на ТВ „Алфа“ говореше за медиумските приказни,  поврзани со случајот со Ива Михаилова, односите со Бугарија и влијанието на странските служби врз новинарството.

Откриени незаконски наплати кај финансиските друштва: треба да им вратат повеќе од 2,3 милиони евра на 26 илјади граѓани!

Над 140 милиони денари, или повеќе од 2,3 милиони евра, ќе треба да им бидат вратени на граѓаните кои користеле потрошувачки кредити од финансиски друштва. Државниот пазарен инспекторат утврдил низа незаконитости при контролите на сите 27 финансиски друштва во Македонија, а со мерките се опфатени повеќе од 26.000 граѓани.

Ангеловски за договорите со Грција и Бугарија: Историјата до средниот век ѝ ја продадоа на Атина, а од средниот век на Софија!

Историјата им ја продадоја на официјална Атина. Таа историја до средниот век и ја продадоа на официјална Атина, а средниот век на официјална Софија, изјави синоќа во своето гостување во емисијата за „Македонските работи“ на Алфа телевизија претседателот на МААК Страшо Ангеловски.

To top