Граѓаните да спијат мирно, нема енергетска криза, државата има резерви од мазут, велат од Владата. Ова следува откако Државните Електрани на Македонија побараа од Владата да прогласи кризна состојба на пазарот со струја. За утре е закажана седница на Влада на која ќе се разгледува барањето на ЕСМ, поради отежнатата набавка на енергенси како последица на блокадите на грчките земјоделци. Кризна состојба се бара за да се овозможи Владата да ги отстапи државните резерви со мазут, со цел производство на струја и топлинска енергија сè додека не се реши проблемот со Грција. Министерката за енергетика вели дека Македонија нема да има никави проблеми, што се однесува до пазарот со струја.
Државата има резерви од мазут, нема да има енергетска криза, децидна е министерката за енергетика, Сања Божиновска, на брифингот со новинарите откако беше прашана што ќе се случи по барањето на АД ЕСМ државата да прогласи енергетска криза за да може компанијата да користи околу 11 илјади тони мазут од државните резерви за потребите на термоцентралите.

- ЕСМ поднесе писмо до Владата и барањето за прогласување кризна состојба ќе се разгледува на владина седница. На Влада ќе дискутираме и јавноста ќе биде информирана. Нема да има никаква криза, за граѓаните тоа нема да значи ништо, бидејќи државата има резерви од мазут. Знаете дека има протести на границата со Грција повеќе 30 дена и поради тоа не може да се набави мазут. Затоа државните резерви ќе го снабдат ЕСМ со мазут. Нема да има никакво влијание на снабдувањето. Постои мазут во државата, ако не го земат од Грција, ќе го земат од резервите – истакна Божиновска.
Министерката очекува до крајот на неделава МЕПСО да го финализира изборот на фирмата што ќе го прави далноводот со Албанија и да го потпише договорот.
- До крајот на неделата ќе биде потпишан договорот. МЕПСО сигурно ќе информира со повеќе детали, но колку што имам сознанија, сè е завршено, се чека само на официјален потпис – рече Божиновска.
Таа информира и дека има нов директор на „Номагас“ и очекува да се забрзаат работите за изградбата на гасниот интерконектор со Грција, а што се однесува до продолжување на гасната цевка кон Србија, Божиновска рече дека е договорено со српската страна за 23 километри од гасоводот заеднички да се настапи во барањето финансии од Светската банка.