Македонија

Невремето предизвика штети во повеќе градови и региони низ државата

Кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија се на терен, граѓаните не се сами, порача скопскиот градоначалник Ѓорѓиевски

Силното невреме што попладнево ја зафати Македонија, проследено со пороен дожд и град, предизвика поплави и штети во повеќе градови и региони низ државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во Скопскиот регион, освен проблемите со поплавени подвозници, улици и кружни текови, имало пријава и дека водата навлегла во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде што се поплавени подрумите и гаражите, а вода има и во главниот хол, и во амфитеатарот.

Пријавено било и полнење на Усјанскиот Канал на улицата „Божин Николов-Силни“ во Горно Лисиче, каде што постои опасност од прелевање во дворовите. Зголемено ниво на водата бележи и реката Серава кај улицата „Призренска“ во Бутел.

„Кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија се на терен. Граѓаните не се сами!“, порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. „Екипите на Град Скопје ќе бидат на располагање во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе биде потребно. Не можеме да го запреме невремето, но можеме организирано, одговорно и заеднички да спречиме поголеми штети. Ги повикувам граѓаните на внимателност, смиреност и соработка со надлежните служби“.

Силниот дожд предизвика сериозни проблеми и во Куманово, кадешто се пријавени поплавени подрумски, а од ЦУК додаваат дека екипите на Територијалната противпожарна екипа и комуналните претпријатија работат на терен.

Во Полошкиот Регион најкритично е во селото Нераште во Општина Теарце, кадешто поради недоволниот капацитет на каналскиот систем, атмосферските води поплавиле дел од селото околу новата џамија.

Невремето проследено со силен ветер предизвика прекини во сообраќајот и штети на возила во Велешкиот и во Струмичко-радовишкиот регион.

Во Велес екипи на ЈКП „Дервен“ отстранувале паднато дрво кај Ликовниот салон, а „Македонија пат“ интервенирала во четири наврати – трипати на автопатот Скопје–Градско поради паднати дрвја и еднаш на патот Велес–Градско поради одрон.

Во Кавадарци се интервенирало на патот кон Витачево, а во Свети Николе се испумпувала вода во селото Ерџелија.

Во Струмица ветерот соборил дрво, електрично броило, како и жици и бандери. Во Радовиш, пак, паднато дрво оштетило автомобил, а поплавени се и три градски улици.

Најнови вести од: Македонија

Над 1000 повици за паднати дрвја и летнати кровови пријавени во ЦУК по невремето во Скопје

Повеќе од 1.000 повици од граѓани се евидентирани на Единствениот број за итни повици 112 по силното невреме проследено со силен ветер што попладнево го зафати Скопје, информира Центарот за управување со кризи

„Визер“ ја крева Македонија повисоко на европското небо, додаде уште еден авион

Скопскиот аеродром добива нов залет со проширувањето на базата на „Визер“, која носи повеќе летови и нови европски дестинации. Порастот на бројот на патници покажува дека воздушниот сообраќај во Македонија влегува во нова фаза на развој. Со седмиот авион, земјава се приближува до целта од четири милиони патници годишно, а придобивките се очекуваат и во туризмот, бизнисот и во економијата.

To top