Македонија

Одобрено обвинението против поранешните директори на Онкологија

Васев и Нухи го оштетиле буџетот за речиси 36 милиони евра

Кривичниот суд го одобри обвинението против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нахад Нухи, за злоупотреби, измама и за проневера во службата од 2018 до 2022 година. Според обвинението, тие незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле буџетот за речиси 36 милиони евра. Васев е обвинет и во друг предмет за несовесно лекување на пациенти на клиниката.

Во обвинителниот акт стои дека кривичното дело „злоупотреба на службената положба“ обвинетите, медицински и организациски директори, го извршиле со пречекорување на границите на своето службено овластување и не ја извршиле својата службена должност во постапките за набавка на лекови, постапувајќи спротивно на Законот за здравствената заштита, Законот за здравствено осигурување, Статутот на Клиниката, Законот за буџетите и на Законот за јавни набавки. Со овие дејствија тие прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од над 2,2 милијарди денари.

Исто така, двајцата се обвинети за измама во службата бидејќи извршилe повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, така што во вршење на својата службена должност со намера за друг да прибават противправна имотна корист, создале противправна обврска и го довеле во заблуда Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија да изврши незаконита исплата. На тој начин прибавиле значителна корист за добавувачите на лекови во вкупен износ од над 430 милиони денари.

„Обвинетите, во постапките за јавни набавки на лекови – биолошка активна терапија, молекуларна таргет терапија и моноклонални антитела – набавувале лекови на реверс без да постои валиден правен основ за тоа, по што за покривање на реверсите спроведувале постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни бидејќи добавувачите на лекови во рамки на добиените јавни набавки ги фактурирале претходно дадените лекови на реверс, па без комплетна, веродостојна и вистинита документација обвинетите овозможувале верификација на реверсите преку јавните набавки. Со ваквите противзаконити дејствија обвинетите креирале противправни обврски на Фондот, кој бил доведен во заблуда дека условниот буџет, кој го одобрува, се однесува на законски креирани обврски, а не за намирување на противправно креирани обврски за лекови набавени на реверс, поради што Фондот на годишно ниво одобрувал условен буџет на Клиниката, од кој потоа биле исплаќани лековите набавени на овој начин“, стои во обвинителниот акт.

Воедно, обвинетиот медицински директор, помогнат од организацискиот директор, извршил и кривично дело – проневера во службата, бидејќи преку постапките за набавка на лекови набавил количина на лекови која имал намера да ја присвои, па откако со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, дел од лековите фиктивно ги раздолжувал, односно не ги аплицирал на пациентите во чие име овие лекови биле требувани, па така постои разлика меѓу евидентирана требувана количина за пациент и раздолжена количина за пациенти во износ од околу 2 милиони денари.

„Ова е констатирано кај 9 пациенти за кои фиктивно се раздолжувани 5 различни лекови. Дополнително, медицинскиот директор, користејќи ја неусогласеноста на состојбата на залихите, искажана во сметководствената и материјалната евиденција, и неусогласеноста помеѓу месечните податоци за издадени лекови од аптека и примени лекови во организационите единици на Клиниката, за кои бил директно одговорен организацискиот директор, присвоил дел од лековите кои клиниката требало да ги има на залиха. Станува збор за вијали и за таблети од вкупно 9 лека – Херцептин, Авастин, Ербитукс, Фулвестрант, Тразимера, Кадцајла, Оксалиплатин од 50 и 100 милиграми и Зелбораф со кои за себе прибавил противправна имотна корист од најмалку 13 милиони денари“, појаснуваат од Обвинителството.

Второто обвинение за случајот „Онкологија“ се однесува на четворица лекари, меѓу кои и на поранешниот директор на Клиниката, Васев. Тој, заедно со уште една лекарка, се товари за тешки дела против здравјето на луѓето и за несоодветно лекување, при што кај 29 пациенти применил неподобна терапија – спротивна на онколошките упатства. Дел од терапиите биле одобрени со факсимил и со лозинка на втората обвинета.

Другите двајца лекари се обвинети за несоодветно лекување бидејќи давале напредна терапија на пациенти кај кои таа не можела да има ефект, со погрешно дозирање и без основни податоци што ја влошило состојбата на пациентите.

Судењето за овој предмет беше насрочено за 11 јули, но се одложи за 5 септември поради отсуство на обвинетата Мери Пешевска. На обвинителна клупа тогаш седнаа само првообвинетиот Никола Васев и двајца обвинети онколози, Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски, додека, пак, за Пешевска – нејзиниот бранител до Судот достави медицинска документација од 10 јули и барање за одлагање на денешното рочиште.

Истрагата ОЈО Скопје ја заврши на 22 мај годинава и до Кривичен суд поднесе две обвиненија за предметот „Онкологија“.

Најнови вести од: Македонија

Пелегрини: ЕУ се коцка со довербата на Западниот Балкан во неа, кој може целосно да се откаже од европерспективата, поради одложувањата на проширувањето!

Зборувајќи на заедничката прес-конференција во Белград по разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателот на Словачка Петер Пелегрини предупреди денеска дека „постојаните одложувања на проширувањето од страна на Европската Унија предизвикуваат опасност да се поткопа довербата на Западниот Балкан кон неа. „Европската Унија се коцка со довербата на граѓаните на Западен Балкан.“ – нагласи Пелегрини, додавајќи дека одложувањето на отворањето на преговарачките кластери на ЕУ за Србија претставува „политичка игра од страна на некои земји-членки“. Ова го објави турската информативна агенција „Анадолу ажанси“

Спиропали, шефицата на албанската дипломатија на 22-23.12.2025 во посета на Македонија: средби со државниот врв, лидерите на Вреди и ДУИ Ахмети

„За време на официјалната посета министерката за Европа и надворешни работи во Владата на Албанија Елиса Спиропали ќе ја потврди силната поддршка за европската интеграција на Македонија, нагласувајќи дека проширувањето на ЕУ останува стратегиски инструмент за мир и демократска стабилност во Југоисточна Европа. Во центарот на вниманието на средбите ќе биде и проектот Коридор 8 како стратегиски проект за енергија и безбедност, кој го поврзува Медитеранот со Црното Море.“ – објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА од Скопје.

Послеконгресни незадоволства во ДУИ – Мурати: Тоа е куќа со скапани темели! Лесковица: Во неа не остана ниту буквата „Р“ од реформите!

„Конгресот на ДУИ, за кој се трубеше како за процес на длабоки реформи, предизвика бранови на реакции од личности, кои некогаш беа на клучни позиции во извршните и локалните структури на оваа партија. Поранешни вицепремиери, поранешни министри и други функционери го опишаа процесот како ‘фасада’“ и „прикриен авторитаризам’, оставајќи ги настрана принципот на меритократија и заслугите.“ – објави ТВ Алсат во својата анализа со наслов „Конгресот на ДУИ, незадоволство од изборите на Ахмети“.

ТАВ Македонија: Слетаа и полетаа 13 авиони, откажани 20 лета, пренасочени две линии

Бидејќи временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија има свој праг на толеранција за слетување и полетување при намалена видливост, апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од нивната авиокомпанија.

Покрај во авионскиот, маглата прави проблеми во и патниот сообраќај

Од УХМР најавуваат дека маглата ќе се задржи по котлините до крајот на денот, а појава на магла се очекува и утре и задутре. Кон крајот на утрешниот ден и во наредните денови, под влијание на влажни воздушни бранови, ќе има повремени локални врнежи од дожд, на места пообилни, додека на планините и повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.

Најнови вести

To top