Македонија

„Официјално остана крив кабелот“, вели адвокатот Пешевски откако обвинителот не најде криминал во градењето на модуларните болници

Став на адвокатот

Адвокатот Драган Пешевски остро реагираше откако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека не утврдило основи за сомнение за кривично дело во јавните набавки поврзани со изградбата на 19 модуларни болници.

Пешевски, осврнувајќи се на трагедијата во модуларната болница во Тетово, во која загинаа 14 лица, оцени дека исходот од постапувањето на Обвинителството повторно го отвора прашањето за еднаквоста пред законот.

„За модуларната болница во Тетово и официјално остана крив кабелот, а Обвинителството не успеа да обвини никого затоа што докази, па ниту индиции за сторен криминал, не виде никаде“, напиша Пешевски.

Тој со иронија додава дека последиците од пожарот биле катастрофални, посочувајќи на 14-те жртви, и критикува што, според него, во овој дел од случајот воопшто не било поднесено обвинение.

Пешевски прави и споредба со други кривични постапки, тврдејќи дека обвинителствата многу поригорозно постапуваат против млади лица во предмети за марихуана, дури и кога, како што вели, нема докази за продажба.

„Одамна тврдам дека имаме паралелен правен систем, еден кој се однесува на богатата бизнис и политичка каста, а друг на обичните смртници и ситната боранија“, напиша адвокатот.

Реакцијата следува по информацијата дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, по повеќегодишни проверки, заклучило дека нема основи за сомнение за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, ниту за друго кривично дело кое се гони по службена должност во постапките за јавни набавки поврзани со модуларните болници.

Предметот бил оформен на 10 септември 2021 година. Во текот на проверките била прибрана документација од МВР, Министерството за финансии, Бирото за јавни набавки, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Владата и ОЈО Тетово.

Биле анализирани постапките за набавка, техничките спецификации, договорите, проектната документација и законската регулатива.

Според Обвинителството, набавката на модуларните монтажни контејнери во рамките на Проектот за итно справување со Ковид-19 била финансирана со заем од Светска банка и била спроведена според правилата на оваа меѓународна финансиска институција.

ОЈО ГОКК го затвори предметот за изградбата на модуларните болници

Во документацијата што ја анализирало Обвинителството било наведено и дека Светска банка по пожарот извршила проверки на повеќе модуларни објекти, при што било констатирано дека набавката била спроведена според важечките правила на банката и дека испорачаната стока одговарала на утврдените технички спецификации.

По завршените проверки, надлежниот јавен обвинител оценил дека не биле утврдени факти што би укажале дека службено лице ја злоупотребило или пречекорило својата положба, ниту дека со неизвршување на службената должност била прибавена значителна корист или предизвикана значителна штета.

Оттаму било заклучено дека нема место за натамошно јавнообвинителско постапување по овој предмет.

Пешевски, пак, ваквата одлука ја гледа како уште еден пример за, како што тврди, различен третман на моќните и на обичните граѓани пред институциите.

Најнови вести од: Македонија

Да се забрани „џанк“ храна во училиштата и да се оданочат зашеќерените пијалаци, бара Клековски

Министерот ги повика граѓаните, особено оние со зголемен ризик или со семејна историја на дијабетес, да не ги игнорираат симптомите како постојан замор, зголемена жед или заматен вид и да направат превентивен преглед.

Тамара Котевска го освои „Британскиот Оскар“ за документарен филм, рамо до рамо со Херцог и Дејвид Атенборо

Македонската режисерка Тамара Котевска, двојно номинирана за ОСКАР и двојно номинирана за ЕМИ, го освои престижното Гран-при признание (за најдобар кино-документарец) на овогодинешното доделување на наградите „Гриерсон“ (Grierson British Documentary Awards) во Лондон, кои во светската кинематографија важат за британски Оскар за документарни филмови.

Се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“ – од понеделник нова експозитурата во Прилеп

Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да презема активности за да им се овозможи на сите клиенти полесен пристап до сопствените средства и непречено извршување на платежните услуги.

To top