Поранешниот специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, се најде на удар во бугарските медиуми по интервјуто за Македонската радиотелевизија (МРТ) во кое застана на страна на Македонија во клинчот со Бугарија на патот кон Европската унија.
„Српски зет и американски дипломат: Зошто Метју Палмер ги брани македонските позиции?“, прашува „Актуално“, а всушност уште во насловот одговара со поврзувањето на Американецот со Србија, која во Софија редовно се посочува како виновник за непопустливоста на Македонија пред уцените од Бугарија.
„Палмер звучи синхронизирано со македонските политичари против Бугарија“, иако „Скопје не го исполнува договореното“, а тоа било така „поради ширењето на ‘српскиот свет’ и на српското влијание во земјата“, пишува информативниот портал.
Барајќи заднина на неговите промакедонски ставови, се вадат изјави на Палмер по медиуми дека сопругата му е од Белград, дека децата му зборуваат српски, дека живеел во Србија многу години, ја познавал добро и бил приврзан кон неа, па многу би сакал да ја види на јасен пат кон европската иднина.
А „смртниот грев“ на специјалниот претставник на САД за Западен Балкан од 2019 до 2021 година е неговото интервју за МРТ, во кое меѓу другото вели: „Она што можам да го кажам е дека Македонија направи сè што Европската унија побара од неа за да напредува кон членството. Сметам дека е крајно жално што Бугарија е во позиција да го блокира тој процес за Скопје. Тоа создава лош преседан за регионот“.