Почна судскиот процес против поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој Илија Стоилев кој беше фатен како прима поткуп. Тој и уште неколку физички лица, меѓу нив вработени во УЈП и Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и едно правно лице се сомничат за кривични дела поврзани со финансиски малверзации за користење средства од ИПАРД програмата.
Според обвинението, првообвинетиот како управител на фирма аплицирал на јавен повик на Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и рурален развој за користење финансиски средства преку ИПАРД програмата. но бидејќи фирмата не ги исполнувала критериумите, во повеќе наврати ветувал и давал пари со цел да добие пари од ИПАРД програмата.
На раководно службено лице во Агенцијата бил ветен подарок во износ од 50.000 евра, а на уште три лица им биле дадени 5.000 евра за да го искористат своето реално влијание и службена положба и да извршат притисок за донесување одлука што не смеела да биде донесена.
Следното рочиште ќе се одржи на 30 април за дел од одбраната да направи увид во доказите. Откако случајот беше обелоденет во јавноста, беше прекината ИПАРД 3 програмата во земјава.