По заминувањето на Љупчо Коцевски, почнува процедурата за избор на нов државен на Република Македонија.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вчера, пред почетокот на 76. собраниска седница, ги информира пратениците дека државниот обвинител Љупчо Коцевски поднел барање за престанок на функцијата до законодавниот дом. Во согласност со ова барање, собраниската расправа за негово разрешување беше беспредметна и не се одржа.
Непосредно пред собраниската седница, јавниот обвинител Коцевски соопшти дека поднел неотповиклива оставка на функцијата. Тој го оцени предлогот за негово разрешување, кој требаше да се разгледува на 76. седница на Собранието, како политичка одлука.
Според законот, за јавен обвинител може да биде именувано, односно избрано лице што ги исполнува следниве општи услови: да е државјанин на Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да има деловна способност, да има завршени правни студии и положен правосуден испит.
Посебен услов за државен јавен обвинител е кандидатот да има непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.
Сега, по предлог на Владата, Собранието треба да распише оглас за именување јавен обвинител на Македонија во „Службен весник“ и во најмалку два дневни весника, од кои еден од весниците да се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните што зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик. Рокот за поднесување на пријавите е 15 дена од денот на објавувањето на огласот во „Службен весник“.
Натаму, во процедурата за избор на јавен обвинител, по пријавувањето на кандидатите, Владата треба да побара мислење од Советот на јавни обвинители за сите пријавени кандидати. Советот на јавни обвинители е должен да ги подготви образложените позитивни или негативни мислења во писмена форма во рок од 15 дена.
Ако Советот на јавни обвинители од оправдани причини не достави мислење до Владата, рокот се продолжува за уште 15 дена. Доколку и по овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно. Ако, пак, Советот на јавни обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог за именување јавен обвинител на Македонија и ќе му предложи на Собранието да распише нов оглас.
Од пријавените кандидати што ги исполнуваат условите и кои добиле позитивно мислење од Советот, Владата одбира еден и го доставува како предлог пред Собранието, каде што изборот, исто како и разрешувањето, се врши со просто мнозинство. За кандидатот што ќе го предложи Владата за државен јавен обвинител кон предлогот се доставува и мислењето од Советот на јавни обвинители.