Македонија

Пола Македонија под вода – битката со невремето продолжува, само во Кичево евакуирани 250 семјства

Куќи полни со вода, поплавен и уништен мебел, расипани машини, нефункционална бела техника, блокирани возила – тоа е состојбата еден ден по поплавите во населбите во Кичево. Во Подварош околу 50 куќи, кои се во близина на Зајаска река се поплавени, а жителите ја опишуваат ужасната ноќ што ја преживеале.

Обилните врнежи што ја зафатија земјава предизвикаа сериозни поплави во западните и северозападните региони. Излеани се повеќе реки, поплавени се куќи, подруми, дворови и земјоделски површини, а на повеќе места е оштетена и инфраструктурата. Најкритична е состојбата во Гостиварско и Кичевско, каде што водата навлезе во десетици домови, а дел од населението беше евакуирано.

250 евакуирани во Кичево

Во Кичево, по излевањето на Зајашка Река, беа евакуирани околу 250 лица, меѓу кои 61 дете и 11 лица со инвалидитет. Најпогодени се жителите на улицата „Прилепска“ и населбата Подварош. Дел од објектите на кичевската болница исто така се зафатени од вода. Евакуираните се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде што им се обезбедени основни услови за престој, храна и вода. Според податоците, вкупно 362 домаќинства со околу 1.200 жители се соочуваат со последиците од поплавите.

Интервенции на повеќе локации

Во Гостиварско најпогодено е селото Форино по излевањето на Вардар. Поплавени површини има и во Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште. Противпожарните екипи интервенирале цела ноќ.

Во Липковско, поради излевање на Слупчанска Река, поплавени се земјоделски површини во Опае и Оризаре. Во Кумановско внимателно се следи состојбата со Кумановска Река, а во скопската општина Сарај, каде претходно беа поплавени над 30 куќи, состојбата постепено се стабилизира.

Минимално излевање на Вардар е забележано и во Зелениково, засега без директна опасност за домовите.

Реките и натаму на критично ниво

Водостојот на Вардар во горниот тек останува исклучително висок, а ризикот од нови излевања е реален. Реката Треска и покрај благо намалување, сè уште е на критично ниво. Зголемен водостој бележи и Црна Река, со можност за локално заезерување во Демирхисарско и Пелагонија.

Се очекува висок водостој и во средниот и долниот тек на Вардар, кон Демир Капија и Гевгелија.

Предупредување за дополнителна опасност

Од ЈП „Национални шуми“ предупредуваат дека уништените шумски појаси, особено на Скопска Црна Гора, може дополнително да ги засилат последиците од поројните дождови.

– Доколку продолжат обилните врнежи, поради намалената природна заштита од ерозија, може да дојде до силни порои и нови поплави – предупредуваат од претпријатието.

Следуваат нови врнежи и силен ветер

Според прогнозата, врнежите ќе продолжат и во текот на утрешниот ден, повремено со пообилен интензитет. На планините се очекува снег, а на повисоките места мешан дожд и снег. Во источните делови постојат услови за ретки грмежи.

Ќе дува засилен, повремено силен северен ветер, што дополнително може да ја влоши состојбата.

Црвениот крст на терен

Волонтерите на Црвениот крст се активно вклучени во обезбедување хуманитарна помош – топли оброци, вода, душеци, ќебиња и хигиенски средства. Покрај материјалната поддршка, тие нудат и психосоцијална помош за погодените семејства.

Надлежните институции апелираат граѓаните да бидат крајно внимателни, да избегнуваат движење покрај реки и суводолници и редовно да ги следат официјалните информации, додека опасноста од нови излевања сè уште не е целосно надмината.

Најнови вести од: Македонија

Почина Волф Ошлис, амбасадорот на македонската кауза: Ако Европа ја изгуби Македонија, ќе се изгуби и себеси!

На 30 август 2026 година германските научни платформи објавија потврдена вест, која е повеќе од тажна за македонскиот народ и Република Македонија: уште на 18 август 2026 година почина професор доктор Волф Ошлис, германскиот и европски македонист со непроценливо значење на неговиот политичко-јазичен македонистички ангажман за македонскиот народ и јазик, за одбраната на националната, идентитетска, јазична, културна и историска засебност и самобитност на Македонците наспроти сите нивни негирања како народ. Неговата реченица: „Нема ништо полесно отколку да бидеш пријател на Македонија. Јас сум тоа од 1975 година…“ ја отсликува неговата длабока професионална, но и лична, чувствена врска со македонската кауза.

Легендарниот македонски војвода Александар Турунџе пред да си стави јамка на вратот на 30.8.1905: Македонија ќе биде слободна!

„Личната трагедија на македонскиот револуционер, ајдутин, четник и војвода Александар Турунџев, кој е предаден на турските власти за 150 златници од свој сонародник, по што бил обесен на Ат-Пазар во Битола на 30 август 1905 година, освен што е симбол на она што многу често провејува низ македонската историја – предавството, многу повеќе е национален херој и симбол на борбата за слобода на македонскиот народ.Погубувањето на Турунџев се одвивало пред бројни сведоци, меѓу кои и неговата сопруга и нивните две малолетни деца, ќерка и син, кои биле принудени немо да го гледаат испуштањето на последниот здив на својот татко.“ – објави Македонската информативна агенција – МИА.

Штип е без вода: Филтер станицата исклучена, поради крајно големата заматеност од синоќешното невреме

Градот Штип од 14 часот е без вода за пиење. Филтер станицата се исклучи од цевководот на хидросистемот „Злетовица“ поради големата заматеност на водата која пристигнува од браната Кнежево, информираше на вонредната прес-конференција директорот на ЈП Исар Штип Александар Арсовски.

ЗНАМ го осудува глорифицирањето на воените злосторства

Движењето ЗНАМ најостро ги осудува воените злосторства случени на поранешните југословенски простори, вклучувајќи ги и хашките случаи во Македонија од 2001г., и секој обид за нивна глорификација, релативизација или оправдување

To top