Македонија

Политичарите да се воздржат од влијанија и притисоци врз правосудството

Треба да покажат повисока уставна, правна и политичка култура

Важно е да се обезбеди максимална независност и самостојност на правосудните органи, како суштински предуслов за владеење на правото, истакнаа државниот обвинител Ненад Савески и претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, кои денеска одржаа работна средба.

На средбата беа разменети мислења и информации за состојбите во правосудниот систем и владеењето на правото, како и за улогата и одговорностите на двете институции во насока на нивно унапредување и градење функционална правна држава.

Претседателот на Уставниот суд Костадиновски нагласи дека политиката и државните органи треба да покажат повисока уставна, правна и политичка култура и да се воздржат од какви било влијанија и притисоци врз правосудството. Тој посочи дека транспарентноста е еден од клучните приоритети на Судот, при што воведувањето на јавно емитување на седниците претставува значаен чекор кон поголема отвореност и отчетност.

– Обидите за политизација и етнизација на работата на Уставниот суд и на кој било правосуден орган, како и креирањето перцепција за недоверба во институциите, претставуваат директен удар врз демократијата. Крајно време е политиката да ги тргне рацете од правосудниот систем, а правосудниот систем да испорача конкретни резултати – истакна Костадиновски.

Јавниот обвинител Савески потенцираше дека без јасна одговорност и мерливи резултати не може да се говори за вистинско владеење на правото. Тој додаде дека транспарентноста е неопходен предуслов за зајакнување на довербата на граѓаните во институциите.

– Јавното обвинителство останува цврсто посветено на доследно, навремено и непристрасно постапување, но истовремено е неопходно сите институции да преземат активна улога и да придонесат кон создавање систем што дава резултати. Недовербата во правосудството може да се надмине само преку конкретни постапки, професионален интегритет и видлива отчетност. Владеењето на правото не е декларативна определба, туку обврска која бара континуирана и одговорна акција – истакна Савески.

Најнови вести од: Македонија

(Видео): Ставен под контрола пожарот кај селото Грачани, „ер-трактори“ им помагаат на скопските пожарникари

Пожарникарите велат дека ќе успеат да го изгаснат пожарот, притоа изразувајќи благодарност за вклучувањето на двата „ер-трактори“ кои помогнале во запирањето на стихијата на местата кои биле непристапни за екипите кои дејствуваат од земја. Како најтежок од денешните пожари, Ангелов го оцени оној што беснее помеѓу Општина Струга и Општина Кичево.

Изложбен простор „Samsung CONNECT“ се отвара на IFA 2026, носејќи ја иднината на живеењето со помош на вештачка интелигенција

Низ телевизори, дисплеи, мобилни уреди и домашни апарати, „Samsung“ демонстрира како вештачката интелигенција може да донесе практични придобивки и да го направи секојдневниот живот полесен и поинтуитивен.

Најнови вести

To top