Граѓани во Битола, Штип и во Прилеп неделава во повеќе наврати протестираа со блокади на кои палеа гуми и дрва, реагирајќи на прописот според кој услов за воопшто да се полага возачки испит е кандидатот да има завршено основно образование.
Рифат Мемишовски, еден од двајцата чии закани можеа да се слушнат на снимките од првиот протест завчера, денес преку видеопорака упати јавно извинување до сите на кои им се заканил, меѓу кои и на премиерот, претседателот и целиот државен врв. Тој се правдаше дека бил изнервиран бидејќи на братучед му полицијата му го одзела автомобилот.
Наспроти ова, НСП бара итна реакција од правосудните органи и одредување мерка притвор за пријавените, дознава Слободен печат.
Во кривичната пријава е наведено дека инцидентот се случил на 03.02.2026 година за време на протести во Битола. Пријавените, кои се братучеди, преку изјави во медиумите и на социјалните мрежи, упатиле директни закани дека ќе ги нападнат полицајците доколку тие се обидат да го спроведат законот и да им ги одземат возилата.
Ф.М. признал дека 30 години возел без возачка дозвола и се заканил со „тепачки и убиства“ доколку некој се обиде да му го одземе возилото.
Р.М., пак, упатил вулгарни и експлицитни закани кон полицијата, најавувајќи дека „ќе ја тепаат полицијата овдека“ и дека „ќе горат овде во Македонија“, велат од Синдикатот.
НСП во својот допис до Обвинителството нагласува дека очекува „ист аршин на постапување како во случаите кога се гонат полициски службеници“.
ВИДЕО: Рафет Мемишовски се извини за заканите – „Бев изнервиран и под стрес“