Спорт

Последните ангажмани му траеја пократко од јогурт во супермаркет! – Претседателот се вклучи во уличната војна во ФФМ

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, денеска остро возврати на критиките на поранешниот селектор Игор Ангеловски околу изборот на Гоце Седлоски за нов селектор на А репрезентацијата.

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, денеска остро возврати на критиките на поранешниот селектор Игор Ангеловски околу изборот на Гоце Седлоски за нов селектор на А репрезентацијата.

Омерагиќ оцени дека Ангеловски ставил лични амбиции пред интересите на репрезентацијата и дека неговата реакција била некоректна и избрзана.

„Имавме убава презентација на новиот селектор, со убава порака за обединување. Човечки, културно и спортски е да се даде поддршка за избраниот. Кога избирате, има десет опции, а избирате една. Ангеловски стави некои свои лични амбиции пред репрезентацијата. Би сакал да каже кои се личните интереси што ги имаме. Јас немам такви, работам про-боно. Крајно некоректно беше веднаш да реагира, можеше да почека. Тоа кажува само за себе. Му посакувам добро здравје, да поработи на тренерските способности, бидејќи неговите последни ангажмани траеја пократко од рокот на јогуртот во супермаркет. Јас му се јавив лично двапати да му укажам дека е еден од кандидатите. Од таа причина, му кажав дека размислуваме меѓу него и Седлоски. Се одлучивме за нова енергија. Буквално ќе кажам, по таков напад мора да се каже и другата страна. Ни одговори дека би работел пак во Федерацијата и кажа дека ќе ја поддржи нашата одлука, и тоа јавно. Тоа е неговото мислење, не е во прв план“ – изјави Омерагиќ.

Јавноста остро ги критикуваше навредите и сарказмот во изјавата на Омерагиќ, оценувајќи дека таков вокабулар е недостоен за првиот човек на ФФМ.

Критичарите потсетуваат дека Ангеловски шест години беше селектор, под негово водство Македонија се пласираше на Европското првенство 2020 и оствари историска победа над Германија на гостински терен. Тие повикуваат Омерагиќ да се фокусира на реализација на ветувањата, како имплементацијата на ВАР-системот во Првата лига, наместо на лични пресметки.

Дополнително се потсетува дека во минатото Горан Пандев и Ангеловски беа дел од групата која го критикуваше и на крајот придонесе за смена на поранешниот претседател Муамед Сејдини, при што Пандев јавно изјави дека Сејдини не бил среќен со пласманот на ЕП и сакал да го смени Ангеловски пред бараж натпреварите.

Полемиката продолжува да ја нарушува атмосферата во македонскиот фудбал пред клучните бараж натпревари.

Најнови вести од: Спорт

To top