Македонија

Претставникот на Орбан, Жолт Бунфорт: Македонија 20 години неправедно „седи на оградата“ на ЕУ, тоа е пародија!

Ако процесот се базира на мерит-систем, Македонија и другите земји од регионот заслужуваат да станат полноправни членки на Европската Унија, смета Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. Нагласува дека Македонија неправедно веќе 20 години „седи на оградата“ и оти е неопходно да се забрза пристапувањето во ЕУ.

Бунфорт, кој денеска во македонското Собрание имаше средба со потпретседателот на парламентот, Антонијо Милошоски, рече дека на средбата станало збор за повеќе прашања поврзани со процесот на пристапување во Европската Унија.

– Разговаравме за многу прашања поврзани со процесот на пристапување во ЕУ. Секако сме чуле многу идеи како таа за постепена интеграција или гарантиран статус на земја членка, без право на глас… Она што е важно е да видиме дека земјите од регионот, вклучително и Македонија, треба да станат полноправни членки на ЕУ. Тоа е сè што можам да кажам во моментот. За нас би било многу важно да се забрза овој процес и да им се даде на земјите шанса да станат членки на ЕУ. Ако станува збор за пристап врз заслуги,  Македонија и регионот заслужуваат полноправно членство – рече Бунфорт во одговор на новинарски прашања по средбата.

Според него, Унгарија и Македонија негуваат одлични билатерални односи и, како што истакна, тоа е повеќе од партнерство, тоа е нешто што се темели на заеднички интерес и доверба.

– Ние имаме силен интерес да го зголемиме нашето присуство во економската сфера на Македонија. Разговаравме за конкретни проекти, разговаравме за прашања од заеднички интерес. Исто така, изразивме целосна поддршка за Македонија за пристап до ЕУ. Сметаме дека е пародија што Македонија „седи на оградата“ повеќе од дваесет години. Сега се обидуваме да направиме сè што е во наша моќ за да го забрзаме овој процес. Разговаравме и за регионални прашања. Заинтересирани сме за стабилноста на регионот, кoj за нас е од големо значење – рече специјалниот претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија.

Потпретседателот на Собранието, Милошоски, го дели ставот на Бунфорт дека билатералните односи на двете земји се на одлично ниво, но и што има интерес и веќе зголемени активности за поголема економска соработка. – Билатералните односи се на одлично ниво, во политичка смисла на зборот, но исто така она што охрабрува е што во однос на можните инвестиции и заеднички проекти и зголемување на трговската соработка исто така постојат конкретни проекти, кои се веќе во тек на реализација, и мислам дека тоа ќе ја засили и трговската и стопанската врска помеѓу Македонија и Унгарија, рече Милошоски.

Тој додаде дека со соговорникот разговарале и за темите поврзани со пристапувањето на Македонија, но и земјите од регионот во ЕУ.

– Унгарија е земја што безрезервно дава поддршка за проектот на проширување на Европската Унија не само за Македонија туку и за другите земји во регионот, кои,  предолго чекаат во овој процес на проширување, каде што одредени ветувања беа дадени уште за време на солунскиот самит во 2003 година, повеќето од нив не се исполнети до денес, рече Милошоски.

Најави дека ќе продолжат на билатерално ниво да разменуваат мислења за овие, како што нагласи, за нас битни проекти. – Во секој случај, гледаме еден голем степен на заемна доверба и заеднички интерес, кој е добар и за Унгарија и за Македонија, но и за целиот регион во целина, рече Милошоски.

Додаде дека Унгарија е заинтересирана за влез на телекомуникацискиот пазар. – Имаме заеднички проекти, кои се разгледуваат, а се од областа на енергетиката, но исто така проекти што ќе значат и зближување помеѓу граѓаните, како збогатена соработка на ниво на култура, образование и други сектори, кои се важни и за двете општества, изјави Милошоски по средбата со Бунфорт.

Најнови вести од: Македонија

Повеќе инциденти во Скопје во последното деноноќие: Напад врз полицајци пред дискотека во Карпош

Нарушување на јавниот ред, напад врз полицајци, грабеж, физички напад со остар предмет и приведувања за дрога – повеќе инциденти се регистрирани во Скопје во изминатото деноноќие.

Мицкоски: Иднината на глобалниот развој на светот ќе ја дефинираат вештачката интелигенција и енергијата

Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, во обраќањето пред млади лидери и претставници на Европските демократски студенти истакна дека иднината на глобалниот развој ќе биде дефинирана од вештачката интелигенција и од енергетскиот сектор.

Мицкоски: Нема предвремени парламентарни избори оваа година, целта е редовни избори (ВИДЕО)

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата нема намера да распишува предвремени парламентарни избори во текот на оваа година и дека останува посветена на редовниот изборен циклус во 2028 година.

To top