Македонија

Претставникот на Орбан, Жолт Бунфорт: Македонија 20 години неправедно „седи на оградата“ на ЕУ, тоа е пародија!

Ако процесот се базира на мерит-систем, Македонија и другите земји од регионот заслужуваат да станат полноправни членки на Европската Унија, смета Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. Нагласува дека Македонија неправедно веќе 20 години „седи на оградата“ и оти е неопходно да се забрза пристапувањето во ЕУ.

Бунфорт, кој денеска во македонското Собрание имаше средба со потпретседателот на парламентот, Антонијо Милошоски, рече дека на средбата станало збор за повеќе прашања поврзани со процесот на пристапување во Европската Унија.

– Разговаравме за многу прашања поврзани со процесот на пристапување во ЕУ. Секако сме чуле многу идеи како таа за постепена интеграција или гарантиран статус на земја членка, без право на глас… Она што е важно е да видиме дека земјите од регионот, вклучително и Македонија, треба да станат полноправни членки на ЕУ. Тоа е сè што можам да кажам во моментот. За нас би било многу важно да се забрза овој процес и да им се даде на земјите шанса да станат членки на ЕУ. Ако станува збор за пристап врз заслуги,  Македонија и регионот заслужуваат полноправно членство – рече Бунфорт во одговор на новинарски прашања по средбата.

Според него, Унгарија и Македонија негуваат одлични билатерални односи и, како што истакна, тоа е повеќе од партнерство, тоа е нешто што се темели на заеднички интерес и доверба.

– Ние имаме силен интерес да го зголемиме нашето присуство во економската сфера на Македонија. Разговаравме за конкретни проекти, разговаравме за прашања од заеднички интерес. Исто така, изразивме целосна поддршка за Македонија за пристап до ЕУ. Сметаме дека е пародија што Македонија „седи на оградата“ повеќе од дваесет години. Сега се обидуваме да направиме сè што е во наша моќ за да го забрзаме овој процес. Разговаравме и за регионални прашања. Заинтересирани сме за стабилноста на регионот, кoj за нас е од големо значење – рече специјалниот претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија.

Потпретседателот на Собранието, Милошоски, го дели ставот на Бунфорт дека билатералните односи на двете земји се на одлично ниво, но и што има интерес и веќе зголемени активности за поголема економска соработка. – Билатералните односи се на одлично ниво, во политичка смисла на зборот, но исто така она што охрабрува е што во однос на можните инвестиции и заеднички проекти и зголемување на трговската соработка исто така постојат конкретни проекти, кои се веќе во тек на реализација, и мислам дека тоа ќе ја засили и трговската и стопанската врска помеѓу Македонија и Унгарија, рече Милошоски.

Тој додаде дека со соговорникот разговарале и за темите поврзани со пристапувањето на Македонија, но и земјите од регионот во ЕУ.

– Унгарија е земја што безрезервно дава поддршка за проектот на проширување на Европската Унија не само за Македонија туку и за другите земји во регионот, кои,  предолго чекаат во овој процес на проширување, каде што одредени ветувања беа дадени уште за време на солунскиот самит во 2003 година, повеќето од нив не се исполнети до денес, рече Милошоски.

Најави дека ќе продолжат на билатерално ниво да разменуваат мислења за овие, како што нагласи, за нас битни проекти. – Во секој случај, гледаме еден голем степен на заемна доверба и заеднички интерес, кој е добар и за Унгарија и за Македонија, но и за целиот регион во целина, рече Милошоски.

Додаде дека Унгарија е заинтересирана за влез на телекомуникацискиот пазар. – Имаме заеднички проекти, кои се разгледуваат, а се од областа на енергетиката, но исто така проекти што ќе значат и зближување помеѓу граѓаните, како збогатена соработка на ниво на култура, образование и други сектори, кои се важни и за двете општества, изјави Милошоски по средбата со Бунфорт.

Најнови вести од: Македонија

Нови сомнежи и реакции околу „останките од она, што е можеби цар Самуил“, кои Грција ѝ го испорача на Бугарија!

Повеќе од илјада години од неговата смрт македонскиот цар Самуил е повторно во средиштето на светската јавност. По византиските хроничари, македонскиот средновековен владетел сега е цел на вниманието и на современите медиуми, откако на Бугарија ѝ се вратени некои останки, кои му се припишуваат нему, иако за тоа нема никаквви идентификациски и други сигурни докази.

Михаилов: Граѓаните да не купуваат дрва од дрвокрадците по пониски цени, оти тоа значи директна поддршка за нив!

Граѓаните да не купуваат дрва од дрвокрадците по пониски цени, овој повик го упати заменик директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов. Тој посочува дека ваквата набавка на дрва од страна на граѓаните значи и директна поддршка на дрвокрадците, кои ги пустошат македонските шуми.

Димитриевски: ЗНАМ поддржува средба и разговор со Бугарија, но без отстапки околу македонскиот идентитет и јазик

Македонија има европска определба, но и јасно поставени црвени линии кога станува збор за македонскиот идентитет, јазик и култура. Ставот што ЗНАМ го застапува е и став на Владата и државна позиција на Македонија, нагласи претседателот на Движењето ЗНАМ Максим Димитриевски на денешната средба со граѓани во Гостивар.

Клековски: Околу 1.000 нови случаи на рак на дојка годишно во Македонија, ќе се преиспитува скрининг-програмата

Околу 1.000 нови случаи на рак на дојка се регистрираат годишно во земјава, а во моментов околу 7.000 пациентки се лекуваат или се лекувале, изјави министерот за здравство Сашо Клековски на „Розовиот пикник појадок“ во Скопје во Паркот кај Школка, организиран од ХЕМА-ОНКО. Настанот го поддржа и претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, како и голем број жени кои присуствуваа, за да ги слушнат пораките за важноста на превенцијата, раното откривање и отворениот разговор за ракот на дојка.

To top