Македонија

Просветителот Свети Климент Охридски, основачот на Охридската книжевна школа – еден од столбовите на македонскиот идентитет и духовност

Македонската држава, православните верници насекаде низ светот, денес го одбележуваат денот на упокојувањето на македонскиот и словенски просветител Свети Климент Охридски. Тој починал на 27 јули 916 година во Охрид. Бил погребан во гробот, што самиот си го подготвил во манастирската црква „Свети Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид. Починал на речиси 80-годишна возраст по долги години просветителска, книжевна и архипастирска дејност. Свети Климент Охридски со своето дело станал духовен и верски светилник на македонскиот народ, но и на сето словенство. Неговата мисионерска, учителска и просветителска дејност во Охрид е продолжение на големото мисионерско дело на Светите македонски браќа Методиј и Кирил. Св. Климент творел врз духовните темели, поставени и осветени од нив како негови учители.

Најистакнат ученик и следбеник на св. Кирил и Методиј

 Свети Климент е еден од најголемите македонски духовници, учители и книжевници. Оваа негова дејност тесно била поврзана со христијанизирањето на паганизираните Македонци, како и со основањето и организирањето на првата македонска епископија во Охрид, во областа Кутмичевица. Свети Климент продолжил со преведувањето на светите книги на јазикот на Македонците и ја основал Охридската книжевна школа, која е и Охридски универзитет, прв во тоа време во цела Европа. Со ова тој отишол чекор понапред од своите учители. Според официјалната историја тој извршил и корекција на некои букви од македонската азбука, која ја нарекол кирилица, во чест на својот учител св. Кирил Солунски.

Во Светиклиментовиот Охридски универзитет (кој бил и прв универзитет во Европа) се школувале и завршиле со образование околу 3.500 ученици, од кои многумина биле ракоположени за свештеници, ѓакони и ипоѓакони, а голем број од нив биле испратени на свештенослужителска и проповедничко-мисионерска работа кај другите балкански и источноевропски народи – Бугарите, Србите, Црногорците, Чсите, Словаците, Русите, Украинците и т.н. Во 893 година свети Климент бил хиротонисан за епископ. Тој е првиот македонски епископ во новоформираната Дремвицко-величка епархија. Св. Климент Охридски, ученикот и соработникот на Македонските апостоли и просветители Кирил и Методиј, во историјата се памети како еден од најугледните и најзначјните книжевници и проповедници на Христовото Евангелие во IX и X век.

Тој е основоположник на просветата и книжевноста во Македонија. Св. Климент бил непосреден сведок на неповторливите подвизи на Светите македонски браќа Кирил и Методиј, тие, за време на целиот негов живот му биле урнек во проповедта и описменувањето на луѓето. Св. Климент покрај тоа што проповедал исто така познато е дека и составувал свои дела. Негово најзначајно дело секако се „Проповедите – обрасци за сите празници и недели во годината”, кои им биле од голема полза на тогашното свештенство, но и на богољубивиот македонски народ. Најверојатно тој е автор и на Панонските житија на свети Кирил и на свети Методиј.

 Јасна одвоеност на средновековната традиција меѓу Македонија и во Бугарија

Професорот Илија Велев од Институтот за македонска литература наведува дека во духовната и во културната меморија, св. Климент Охридски е засведочен како најистакнат и најдоследен ученик или следбеник на св. Кирил и Методиј. „Како таков станал продолжувач и поттикнувач за развојот на изворните кирилометодиевски мисионерски идеи при натамошната афирмација на словенската богослужба, писменост и просветителство. Охридската духовна и книжевна школа продолжила да ја афирмира изворната кирилометодиевска богослужбена и просветителска традиција, подредувајќи го Преславскиот духовен и книжевен центар во периферна позиција на влијание кон другите средновековни словенски традиции. Токму и во тоа лежи историската потврда на јасната одвоеност меѓу средновековната духовна и културна традиција во Македонија, наспроти онаа традиција во Бугарија.“ – нагласува професорот Велев во една изјава од 2024 година.

Негов е преводот на Цветниот триод – богослужбената книга, во која е содржан црковниот редослед на богослужбите од Велигден до Педесетницата. Постои голема веројатност дека тој е автор на Службата и на Житието на Свети Климент, римскиот папа, како и на најстарата служба на Свети Кирил и Методиј. Св. Климент е особено важен за културното и цивилизациско издигнување на Македонците. Без неговото дело Македонците би биле поподложни на застој и асимилација од страна на културно поиздигнатите народи. Токму поради тоа св. Климент, св. Наум и останатите ученици на св. Кирил и Методиј се дел од најважните личности во македонската историја.

Најнови вести од: Македонија

Сиљановска-Давкова: Заветот од АСНОМ не’ обврза каква држава да создадеме

Дрржава не се гради само со демократските избори и со конституирањето на институциите, туку со градење на функционални институции, со одбрана и заштита на човековите права и со почитување на највисоките стандарди, не само на домашното туку и на меѓународното право, порача претседателката на Македонија

(Видео): Македонскиот авиосообраќај руши рекорди, годинава ќе сме блиску до четири милиони патници, рече Николоски

Во периодот кога била избрана актуелната Влада, двата аеродрома годишно опслужувале околу два милиони патници, додека годинава се очекува бројката да надмине или да се приближи до четири милиони патници.

To top