Професорката од правниот факултет во Скопје Каролина Ристова Астеруд го анализира предлог законот за високо образование кој предизвика вознемир меѓу дел од професорскиот кадар на македонските универзитети.
Секогаш директната Ристова Астеруд зборува за користењето на македонскиот јазик во научните трудови и за повеќе други теми и прашања кои се регулираат со предлог законот за кој сега се води жустра дебата во академските и политички кругови.
Во свој стил таа критикува дел од решенијата:
По повод Св. Валентин, да ги поздравам МОН и наводното друштво од „60 и нешто“ професор(к)и, и вака да им ја декларирам мојата бескрајна љубов кон научното творештво на македонски јазик. Ма, дааа, шокантно, нели, наука можело и на македонски јазик, а на толку омилена ваква песна, небаре политичка химна, да се вметнуваат законски решенија засновани токму на спротивна премиса.
Еве, во личен мој капацитет, а илустративен. Ако сакав мнозинството или поеднаков број од моите трудови да бидат на странски јазик, а и тематскиот научен интерес да ми е по логики на понуда-побарувачка-заработувачка приоритети за странски употребни вредности и потреби, а не за домашните, ќе си останев во тоа странство уште кога бев многу помлада и на почеток на кариерата, па таму така. Впрочем, голем дел од моето високо образование и научна надградба се платени од странски данокоплаќач(к)и.
Но, во Македонија, мене како професорка по право на УКИМ ме плаќаат македонските граѓани, кои од мене треба да си добиваат научно и стручно творештво на својот (правен) јазик, а вие можете „нокти да ми корнете“ ако сакате, нема да биде поинаку. А ќе се борам и за оние што сега се директно засегнати, настрана што и низа други работи во старт ви се правно проблематични, но ова со јазикот на научното творештво е едно од поударните. Ова ви го кажувам од позиција на некоја која има положено најкредибилни англиски јазични тестови со највисоки можни поени, безмалку 100%, и со докажано владеење на врвот на секој јазик – правниот јазик – каде секој збор може да има ефект на сечило, бомба или мина по живеачката на луѓето и општеството. Без тоа, не се завршува во врвот од генерација од околу 300 последипломци од областа на правото на Џорџтаун, со просечна оцена од 3.75/4 и со највисоки почесни дезигнации. Така да, барем што се однесува до мене, со такви куршуми пукање, тешко!
Ај тоа, туку само од најосновното да почнеме, таму си имаш службен компјутер и печатач за работа во професорскиот кабинет, а не да си го влечкаш својот личен од дома и да ја „крепиш“ државата со такви и други слични лични дотации од свој џеб, од типот, сам кречи си кабинет, сам купи си мебел итн. Секако, заради љубов кон професијата, образованието на помладите и науката, а, над сѐ, заради љубов и верба во земјата. Ако ние не твориме на македонски јазик, кој тоа ќе го прави?! А и не само за творење на македонски. Што, на пример, да правиме со сите тие универзитети на албански јазик на кои им се прелеваат јавни пари, за што тогаш сите драмолетки што беа?
Колку јазици пак они треба да владеат?
Па сето ова од едно мало трло од население за регрутирање кадар. Ма ќе треба и некоја нова диета со закон да ни се воведе, како да затераме индустриско производство на натпросечни уште од бебиња, ма саде врвни таленти за повеќе јазици учење, и тоа, не како за на плажа или шопинг- муабет, туку и за научни изрази, и не само за говорно по конференции, туку и за пишување на странски јазик, и, најзгора на тоа, уште и солидни таленти за наука.
***
Ако се суди по дефицитот на македонски правен јазик и очебијното отсуство на солидна номотехника во нацрт-ЗВО, гарант тоа над „60 професори“на МОН се некои од профилот на еден колега од УКИМ (географија) со кого имав полемика пред некој ден на ФБ. Ми вели, парафразирано, дека било побитно да сме биле „повидливи“ на „рејтинзи“ (затоа-потоа наредните денови ), макар и на штета на творење на македонски јазик.
Така ли?
Ако така, повеќе од трагедија е што нѝ гнијат толку претходни генерации под земја, на чело со најумните, а кои се бореле токму за ваквите како него денес да имааат држава со македонскиот јазик како стожер, и покрај тоа што има бајаги уште мераклии за тоа да не го биде така. Па уште колегата сето тоа со малтене нескриен потсмев, иако самиот е производ исклучиво на македонскиот образовен систем. Му пишав, ќе да му удриле тоа импакт-факторите и „хиршовите“ во глава без никаков обид да се гледаат сите аспекти што се објективно релевантни и легитимни за професура и научно творештво сегде, ако сакате, по императиви на научна методологија, а не дека повеќето не му ги изнаредив, сите ги избегна. По пишување статус, нормално, одма зафатен со креации на уште неколку нови трудови за импакт, така пиша, ма таман некој да добие впечаток дека научното творештво и пишување му доаѓаат нешто како честитка пишување или рецепти за готвење, ма просто неверојатно, па макар и десет души се изнаредиле на трудовите им, за разлика од нас по општествените, каде тоа најчесто е индивидуално и (о)самено патување, товар, изложеност и одговорност.
Таквите како задоцнети Алиси во земјата на чудата никако да разберат дека за да бидеш „граѓанин на светот“ мора да си „граѓанин на некоја држава“, а за да бидеш ова второто, треба да имаш, нели, држава зад себе. Тоа пак подразбира и соодветен државен „софтвер“, а со низа работите содржани во овој нацрт-ЗВО токму тоа ќе се урнисува, почетно, еве, од науката на македонски јазик, независно колку за инаку да се спинуваат работите.
Згора на сѐ, уште и си пишал почитуваниот колега дека кај него на факулет немале многу настава и студенти, па си имале време, па од тоа се вадело „просечна плата плус“. Баш фино за нив. Што да прават оние по факулети и науки каде што се има многу студенти, настава и испити, нели, високо образование? Со други зборови, со сосема обратен сооднос меѓу науката и високото образование? Му пишав, и по тој основ, едвај чекам да видам што циркус за сите пари ќе да биде тоа ако и кога тие на географија ќе да испаднат за „врвот“, а другиве, сосе и оние со директна корелативност со државниот идентитет и суверенитет, да не се доволно по „импакт“ и по „хирш“ (да, да, во иста книга/списание и за иста општествена материја, автор од САД и автор од прцул-МК подеднакво тука-негде ќе бидат од интерес и читање и за цитирање во глобални рамки), ма и покрај сето запоставување на сѐ што е употребна вредност на науката за по дома и речиси аш асално пишано на јазикот на македонскиот суверен, а образованието на студентаријата за ептен оставени на опашот. А ако дотолку небитно, ајде скрос да укинеме наши државни универзитети и да замолиме странски универзитети да си отворат тука свои кампуси, па , ваквите „импактџии“ и „хиршовци“ нека си бараат работа таму на пазарна основа и сето финансирано со приватни пари, а не со јавни.
Да, вака си се тера матрица како горенаведената за сите јавни пари. Излегува, македонското граѓанство, реалниот сектор на бизнисот и работништвото, се строго тука за само вложување во некакво си умислено качување на Шангајски листи и во личните кариерни подеми на академијата како цел сама за себе, и тоа, само по основ на две фетиш и комерцијални индекс-бази (а чуму само тие две, нема други релевантни?). Тие две бази најредуктивистички се сведени само за веќе етаблирани списанија (скраја, некое што се пробива), а за сеʼ друго, на пример, книги, му доаѓа со пукај-утни, оти тешко да се знае однапред за индексацијата во базата, дури и кога се од најреномирани издавачки куќи за наука. Најбизарно е сведувањето на научниот израз само на овие две индексни платформи и ефективно само на една форма на научен израз, што е просто неверојатно и крајно бесрамно дури и како сугестија. А и кога другите се нафрлени, тие само се со ефект да ја направат “невозможната мисија” уште поневозможна за предвидениот временски интервал ( од типот, ај на толку трудови, па со импакти, да настрана и небаре плукни-залепи и книга, ма учебник, па онака “од нога” додека си во амфи да си ја објавил, небаре не се знае како се стои во тој дел, и финансиски, а и каков бавен макотрпен процес е тоа, а универзитески издавачки куќи ни за лек).
Освен мантри-фразеологии, никој ниту прашува, ниту кажува, ниту анализира: кои тоа се очекуваните конкретни употребни вредности за македонското граѓанство и данокоплаќачи од наводното искачување на таквиот шангајски рејтинг, ако воопшто и се случи? Дали навистина нема попрви и побитни приоритети? Дали нема подобри алтернативи за до целта, а не со вакви унижувања на наука на македонски јазик? Еве, тргнете само од гугл-анализа на Шангај-рејтинзи, кои се тоа наводните придобивки за некои од „тешкашите“ во светски рамки за да ги бркаат (ако воопшто, си имаат оние и свои), па удрете му ја анализата, едно по едно, за во случајот на Македонија. Дали тоа е воопшто релевантно и безалтернативно за мали и сиромашни земји како Македонија, како и дали воопшто тоа би направило разлика за по дома, па макар и се успеало во нереалната и невозможната мисија од нацрт-ЗВО како до мрднување на фамозниот рејтинг? Вака ли се поставуваат и тераат работите за мала евро земја на која и се отворени ЕУ-програмите и низа други програми за научна помош и соработка на билатерално ниво? Тоа ќе се тера и прифаќа строго само е по индекс на фетиш-базите, инаку, фала ви, не ни требаат вашите пари?