Боре Видевски, еден од осудените за двојното убиство – на малолетната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски не е во животозагрозувачка состојба. Втор ден како е сместен на Клиниката за нефрологија, поради проблемите кои ги има со бубрезите. Неговата хоспитализација ја одложи седницата пред апелационите судии за 11 мај. Неговиот адвокат бара тој да биде задржан на болничко лекување бидејќи, како што тврди, резултатите на Видевски покажувале потреба од дијализа.
„Видевски не можеше денеска да присуствува затоа што неговата здравствена состојба е до толку влошена, што пред два дена изгубил свест во притворското одделение во истражниот затвор Скопје, поради тоа што тој живее со еден бубрег, кој му е пресаден. Не е лекуван континуирано во затворски услови, затоа што таму и нема услови да биде лекуван, оти има потреба од дијализа“, рече Бојан Манев – Адвокат на Боре Видевски.
Доживотните казни за убијците на Вања и Панче пред Апелација
Од затворот во Шутка тврдат дека досега во повеќе наврати Видевски бил прегледуван од затворскиот лекар, а по потреба носен бил и на скопските Клиники. Пред два дена тој бил однесен на преглед на специјалист и бил вратен назад во ќелија, за вчера да биде хоспитализиран.
„Штитеникот е константно под здравствена контрола. Над 20 пати истиот го имаме носено што кај примарен доктор, кај нашиот доктор, кога им потреба го носиме на терцијално здравство. Да наредниот ден, вчера, на 08.04 биде хоспитализирана. Побаравме од болница официјално каква е здравствената состојба, но неофицијално е надвор од животна опасност,“ вели за Алфа, Бобан Утковски – Директор на КПУ Затвор Скопје.
На главната расправа во Апелација, одбраната треба да ги образложи жалбите на првостепената прусуда во која Љупчо Палевски Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев се осудени на доживотен затвор.
За грабнувањето и за суровото убиствата со пиштол на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, Кривичнен лани во јуни Палевски го осуди како директен извршител и Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев како негови помагачи. Обвинителството го гонеше и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, но судијата Ивица Стефановски го ослободи од обвинението затоа што обвинителството не го докажа тоа.
Според првостепената пресуда, обвинетите добија по 10 години затвор за грабнувањето на Вања,, а доживотен затвор за убиствата. Целта им била да изнудат пари од мајката на девојчето. Жалба има поднесено и обвинителството за ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.