Со 70 гласа „за“ и без гласови „против“ и „воздржани“, Собранието денеска ја донесе одлуката за продолжување на кризната состојба за нафтата и нафтените деривати до 20 април 2027 година. Со ова се продолжува претходната мерка изгласана на 20 јули годинава, чија важност истекува утре. Како што наведуваат од Владата во образложението на одлуката доставена до Собранието, причините за прогласување на кризната состојба остануваат непроменети, бидејќи ризиците и опасностите од можна нестабилност сè уште не се надминати.
Според владините информации, Групата за процена на ризици и опасности на почетокот на овој месец ги разгледала состојбите со снабдувањето со стратешки енергенси. Поради постојните закани од пореметувања на пазарот, како и евентуални пречки и блокади при увозот на нафта и нафтени деривати во земјава, Групата препорачала преку Управувачкиот комитет до Собранието да се достави предлог за продолжување на кризната состојба со цел заштита на снабдувањето на населението.
Инаку, пред десетина дена премиерот Христијан Мицкоски рече дека кризната состојба ќе биде продолжена за уште шест месеци. Тој рече дека доколку има смирување на состојбата околу снабдувањето со нафта и нафтени деривати на меѓународните пазари, кризната состојба во земјава ќе биде укината.
Собранието претходно во два наврати ја продолжи кризната состојба откако беше воведена по случувањата на Блискиот Исток, кои доведоа до блокада на снабдувањето на меѓународните пазари со нафта и нафтени деривати. Продолжувањето на кризната состојба ѝ овозможува на Владата координирано да управува со состојбата и со примената на мерки за обезбедување сигурно снабдување со енергенси.
Утре истекува и мерката за намалување на ДДВ за дизелот од 18 на 10 отсто, што беше донесена од Владата со цел да се влијае врз малопродажните цени на горивата и да се ублажат надворешните ценовни притисоци.