На денешен ден, на 4 август 1903 година во Крушево влегол Штабот на крушевските востаници – Горското началство, кој бил свечено дочекан од народот. Началникот на Штабот Никола Kарев одржал револуционерен говор пред народот и ја прогласил првата Македонска народна република, по што го повикал народот да избере привремена влада. Владата била формирана со учество на сите народносни групи во градот.
Ги поставивме основите на нашето народно единство
Горското началство, или Штабот, уште на самиот почетокот на востанието било проширено со тројца крушевски раководители: Антигон Хаџов, Тодор Павлов и Глигор Божинов. Седиштето на Штабот се наоѓало на Гумења. По ослободувањето на Крушево, началството имало две големи основни и крупни задачи: одбрана на слободната востаничка територија и формирање нова власт. Штабот, уште пред да се симне во градот, им наредил на првенците од етничките средини во Крушево да достават список на лица, кои карактеризирале со чесност и достоинство, без разлика на нивниот општествен статус. Тие требало да се соберат во новата зграда на патријаршиското училиште, а по нивното пристигање, на патријаршиската зграда да се развее црвено знаме – како симбол на слободата што се родила.
Истиот ден кога Штабот влегол во градот, било свикано собрание, составено од 60 поистакнати граѓани, по 20 од секоја народност. Во Собранието Никола Карев најпрво им ја честитал слободата на граѓаните, а потоа одржал говор во кој истакнал: „За човекот нема поголемо богатство и од правото спокојно да работи и да создава. А за да располагаме со таа виша човечка придобивка, Штабот е на мислење дека ние, крушевчаните, кои на Илинден оваа година јавно ги поставивме основите на нашето народно единство – факт што сам по себе говори дека ние сме културни и сознателни чеда на Македонија, што се отргнавме од заблудите со кои ни ги оковаа мозоците… станавме причина слично обединување да се постигне насекаде во нашата Татковина и да дадеме пример на вистинско народно управување, во кое да бидат еднакво застапени правата и задолженијата на сите вери и народности.“
По говорот, Карев и штабот ја напуштиле зградата на собранието за самото тоа да одлучи за видот на управата и да избере лица за новата извршна власт. Најпрво собранието избрало Биро во состав: претседател Теохар Нешков и секретар – Ѓорѓи Чаче. Бирото предложил дневен ред, кој бил прифатен: 1. Објавување на Собранието во Основачко народно собрание. 2. Определување каков вид да биде управата. 3. Определување лица за Привремен извршен совет. Во дискусијата која се водела, станало збор за монархистичкото и републиканското уредување во поодделни држави и се дале оценки за таквите уредувања. По дискусијата, Собранието едногласно одлучило новата управа да биде републиканска. За членови на Времениот извршен совет биле избрани: Дину Вангел, Николаки Баљу, Ѓорѓи Чаче, Теохар Нешков, Димитар Секулов и Христо Ќурчиев.
Привремената влада заседавала во грчкото централно училиште. Над неа се развивало црвено-крвавото знаме на Револуцијата. Според етникумот и вероисповедната припадност во владата се нашле: тројца Македонци еден Влав и еден Албанец. Секој член на владата добил посебен ресор. Дину Вангел – претседател на Советот и одговорен за правосудство. Ѓорѓи Чаче – секретар на Советот и одговорен за реквизиција. Теохар Нешков – касиер и одговорен за финансии. Христо Ќурчиев – градоначалник и одговорен за полиција. Димитар Секулов – одговорен за прехрана и производство. Никола Баљу – одговорен за санитарниот сектор, а на Баљу му биле поставени на располагање и лекарите д-р Никола Димко и д-р Батал.
Крвавата битка во Карбуница
На 4 август во селото Карбуница, Кичевско, се водела една од најкрвавите востанички битки за време на Илинденското востание. Селото било брането од востанички одред од 200 востаници, предводени од војводата Арсо Мицков. Околу 8 часот наутро, еден баталјон од околу 800 османлиски војници и башибозукот од околните албански села го нападнале селото. По четвртиот обид го зазеле. Борбите се пренеле на месноста Ѓурѓејца, каде што пристигнале уште 500 востаници. Османлиската војска добила засилување од кичевскиот гарнизон и албанскиот башибозук. По силниот напад на востаниците, османлиските сили и башибозукот се разбегале. Востаниците учествувале со 700 борци, а имале 30 загинати. Османлиските сили и башибозукот (околу 1.500 вооружени лица) имале 120 загинати.