Македонија

Сиљановска-Давкова на КОП31: Енергетската транзиција мора да биде праведна

Македонската претседателка бара климатската амбиција да се претвори во конкретно но праведно дејствување

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија, каде што ги потврди македонските заложби за климатска акција и ја нагласи потребата од праведна транзиција кон чиста енергија.

Таа укажа дека со третиот Национално утврден придонес(NDC 3.0), државата се обврзува да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за најмалку 80% до 2035 година, со цел постигнување климатска неутралност до 2050 година.

Амбициите се преточуваат во политики преку претстојниот Закон за климатска акција, ажурираниот Национален план за енергетика и клима и Патоказот за праведна транзиција, усогласени со Реформската агенда на ЕУ и Националната развојна стратегија 2024–2044.

За Сиљановска-Давкова енергетската транзиција мора да биде праведна и прифатлива, без дополнително оптоварување на семејствата погодени од енергетската сиромаштија и загадувањето. Притоа, посебно внимание треба да се посвети на жените, децата и младите.

Претседателката посочи дека за остварување на климатските цели неопходно е предвидливо меѓународно финансирање, достапен капитал, технологија, градење капацитети и силни партнерства.

Според Сиљановска-Давкова, за климатските амбиции да странат остварливи, солидарноста треба да се потврди преку конкретни инвестиции, коишто ќе им овозможат на државите подготвеност за дејствување.

„Да си заминеме од Анталија откако амбицијата ќе ја претворивме во имплементација, а солидарноста во вистинска инвестиција. Нашите деца заслужуваат безбеден, здрав свет и шанса не само да преживеат, туку и да напредуваат“, порача претседателката на лидерскиот самит.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитуван претседател, екселенции, дами и господа,

Дозволете ми да им се заблагодарам на Република Турција и на претседателот Ердоган за организирањето на овој самит посветен на климатските промени.

Десет години откако мојата земја го потпиша Парискиот договор, остануваме убедени дека климатската криза не се сведува само на управување со емисиите. Станува збор за светот што ќе им го оставиме на идните генерации. Ние сме првата генерација којашто целосно ги разбира последиците од своите избори, а можеби и последната којашто има време да го промени правецот. Идните генерации ќе живеат со последиците од нашите одлуки.

Оттука, доаѓаме на COP31 со јасно чувство за одговорност. Ние сме мала земја без излез на море, лоцирана во поширокиот медитерански регион – еден од регионите што се најизложени на климатските промени. Сепак, подготвени сме да преземеме товар поголем од нашиот сопствен удел.

Водени од убедувањето дека климата е заедничко добро на човештвото, климатските активности ги поставив не само како личен, туку и како политички приоритет. Ова убедување ме поттикна да иницирам национален дијалог во македонското општество, обединувајќи експерти, креатори на политики и практичари за заедничко обликување на нашата климатска агенда.

Оваа колективна заложба е делумно одразена во нашиот трет Национално утврден придонес (NDC 3.0),каде е поставена амбициозна цел: намалување на нето-емисиите на стакленички гасови за најмалку 80% до 2035 година, со очекување да се искачи и до 82% со меѓународна финансиска поддршка. Ова нè става на кредибилен пат кон климатска неутралност до 2050 година, што ќе претставува и правно обврзувачка цел.

Амбициите ги преточуваме во политики преку претстојниот Закон за климатски акции, ажурираниот Национален план за енергетика и клима и Патоказот за праведна транзиција, коишто се усогласени со Реформската агенда на ЕУ и Националната развојна стратегија 2024–2044. Овие напори се исто така составен дел од нашиот европски пат, приближувајќи ги нашите политики во областите на климата, енергетиката и животната средина до највисоките европски стандарди.

Сепак, не можеме да ја заштитиме иднината на сметка на оние коишто се соочуваат со тешкотии денес. Мораме да преминеме од јаглен на чиста обновлива енергија без да го зголемиме товарот на македонските семејства коишто веќе се соочуваат со енергетска сиромаштија, несоодветно греење и загаден воздух. Вооружените конфликти и тешката енергетска криза ја прават и онака тешката транзиција уште попредизвикувачка. Таа мора да биде фер и достапна, со посебно внимание на жените, децата и младите. Транзицијата којашто ги остава луѓето зад себе, ја поништува својата цел.

Оттука, ја поддржуваме Глобалната заложба за електрификација 35 на 35, Договорот од Анталија за енергетски ефикасни згради, Договорот од Анталија за зелена индустријализација и Рио Синергиите.

Сепак, мојата земја не може сама да ја финансира оваа трансформација. Извештајот на Светската банка за клима и развој на земјата ги идентификува инвестициските потреби од милијарди долари за декарбонизација и адаптација. Нашата амбиција мора да биде усогласена со предвидливо меѓународно финансирање, достапен капитал, технологија, градење капацитети и силни партнерства. Солидарноста мора да се мери не само со зборови, туку и со инвестиции што им овозможуваат на земјите подготвени да дејствуваат. Ова не е повик да ја намалиме нашата амбиција, туку истата да ја направиме остварлива.

Кога ќе се пишува историјата на оваа деценија, да не се каже дека ја согледавме опасноста, ги разбравме последиците, а сепак немавме храброст да дејствуваме. Да си заминеме од Анталија откако амбицијата ќе ја претворивме во имплементација, а солидарноста во вистинска инвестиција. Нашите деца заслужуваат безбеден, здрав свет и шанса не само да преживеат, туку и да напредуваат.

Ви благодарам.

Најнови вести од: Македонија

Уште во 2023 претходната влада на СДСМ и ДУИ стапила во деловни односи со „Алта банка“ – Белград и Давор Мацура од Србија, дозволувајќи им влез во РМ

Претходната влада на СДСМ и ДУИ влегла во деловни односи со Алта банка – Белград и Давор Мацура во Србија уште во 2023 година кога на владина седница била донесена одлука да го овласти државниот правобранител во име на владата да ги отуѓи акциите што Македонија ги имала во српска банка, која Алта банка ја […]

Мицкоски: Предвремени парламентарни избори ѝ одговараат на ВМРО-ДПМНЕ, но неодоговорно е да се одржат, оти ѝ штетат на Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски и лидер на ВМРО-ДПМНЕ смета дека во моментот е неодговорно кон државата да се организираат предвремени парламентарни избори иако, како што вели, ако се гледа од политички аспект на неговата партија, тоа ѝ одговара.

Повторно зачестени измамнички пораки за наводна наплата на сообраќајни прекршоци – МВР повикува на внимателност

Станува збор за обиди за фишинг измами, при што преку лажни пораки и линкови се бара од граѓаните да пристапат до веб-страници и да внесат лични и банкарски податоци, со цел нивна злоупотреба. МВР апелира до граѓаните да бидат особено внимателни и да не отвораат сомнителни линкови, да не внесуваат податоци од платежни картички, лозинки […]

Народната банка на Македонија и гувернерот Славески поднесоа кривични пријави против Филипче, Димитриевиќ и Жерновски во врска со „Алта банка“!

Народната банка и гувернерот Трајко Славески поднеле кривична пријава против претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и против генералниот секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ, во врска со случувањата со Алта Банка АД Битола.

„Непостојниот“ македонски јазик и идентитет во концепцијата на Антоан Меје за „новата Европа“ – 26 години пред АСНОМ и кодификацијата (2)

Од денешна перспектива, придонесот на Меје може да се оцени на неколку нивоа. На балканско ниво неговото дело претставува аргументиран научен отпор кон обидите македонските говори целосно да се подведат под српскиот, или бугарскиот јазичен концепт. На европско ниво неговото значење произлегува од фактот што оваа анализа ја објавува еден од најугледните европски лингвисти, во Париз, во дело посветено на јазичната карта на Европа. Македонија  и македонскиот јазик на тој начин стануваат предмет на разгледување во една поширока европска научна дискусија за јазиците, нациите и државите.

Владата презема низа мерки за да ја заштити Македонија од нагли поскапувања на струјата и од ценовни шокови како во ЕУ

Владата презема низа мерки за да ја заштити домашната економија од енергетската криза што ја зафати Европа, каде што цените на енергенсите се зголемени два до три пати. Целта е зимата да помине без нагли поскапувања на електричната енергија и без ценовни шокови какви што се забележуваат во земјите од Европската Унија.

Придонесот на Антоан Меје за светското признавање и афирмација на македонскиот јазик како белег на македонскиот идентитет уште пред 108 години!

„Дијалектите на Македонија се дел од јужнословенската група. Заправо тие не се ниту српски, ниту бугарски, особено ако се мисли на пишаниот бугарски јазик, кој се засновува врз дијалекти, доста оддалечени од македонските дијалекти.“ – нагласил Антоан Меје во својата знаменита научна студија „Јазиците во Нова Европа“, објавена во Париз во 1918 година. „Дијалекти на Македонија“ и „македонски дијалекти“ вели овој јазичар 26 години пред да биде македонскиот јазик „измислен од Тито и искован врз основа на бугарски корени“. Денес се навршуваат 160 години од раѓањето на овој врвен европски и светски јазичар. Ова е соодветен повод за ново навраќање кон неговиот научен придонес кон одбраната и афирмацијата на македонската јазична и идентитетска самобитност на европскиот континент и во светски рамки.

Најнови вести

To top