Претседателката на Републиката Гордана Сиљановска-Давкова, во честитката по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, порача дека Македонија повторно се наоѓа пред историски испит, а почитта кон револуционерите и нивното дело мора да се потврдува преку праведност, одговорност, чесно работење и неопходни реформи.
„Повторно сме пред историски испит во ова време-невреме, да го продолжиме стремежот на претходниците за просперитетна македонска држава“, истакна Сиљановска-Давкова.
Во обраќањето до граѓаните, претседателката потсети на историското значење на основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година и на генерациите што ги поставиле темелите на македонската државност.
„Не можеме да ја чествуваме државноста, а да ја заборавиме пожртвуваноста на поколенијата што ги удриле нејзините темели и ги вградиле животите во нив“, порача таа.
Според Сиљановска-Давкова, чествувањето на историските личности и настани нема вистинска смисла доколку вредностите за кои се бореле не се применуваат во современото општество.
„Пиететот кон предците има смисла само кога нивните високи и благородни идеали ги преточуваме во праведност, солидарност и посветеност на општото добро“, нагласи претседателката.
Таа истакна дека историското наследство не треба да биде само причина за национална гордост, туку и обврска за унапредување на државата, заштита на човечкото достоинство и создавање општество во кое правото, правдата и моралот ќе бидат реалност.
Посебен акцент стави на потребата од одговорно работење и спроведување реформи, посочувајќи дека денешните генерации имаат поинаква, но не помалку значајна одговорност од своите претходници.
„Ако револуционерниот порив некогаш се потврдувал со себежртвување за високи национални цели, денес се докажува со одлучно и чесно работење, интелектуална смелост и решителност за нужни реформи“, порача Сиљановска-Давкова.
Претседателката нагласи дека долгот кон предците е да се зачува споменот за нив, кон современиците да се постапува одговорно, а на идните генерации да им се обезбеди сигурна иднина.
„Нека ни е честит и вековит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба!“, стои на крајот од честитката на претседателката.