Македонија

Сиљановска-Давкова со студенти од Колеџот на Европа: Дијалог за европската интеграција и иднината на регионот

Во Вила Водно претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со студенти од Колеџот на Европа во Тирана

Во Вила Водно претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со студенти од Колеџот на Европа во Тирана, кои се наоѓаат во земјава во рамки на студиска посета посветена на влијанието на европската интеграција врз трансформацијата на земјите од Западен Балкан.

Таа ја поздрави образовната програма и истакна дека студентите, како идни европски професионалци и лидери, со своето знаење и критичко размислување можат значајно да придонесат кон мирот, безбедноста и солидарноста меѓу европските народи и граѓани.

За претседателката, сестраната регионална соработка и меѓусебната поддршка на патот кон Европската Унија имаат особено значење не само за односите меѓу земјите од регионот, туку и за односот на членките на ЕУ кон нив.

Студентите покажаа интерес за уставните надлежности на претседателот во внатрешната и надворешната политика, како и за неговата реална улога во процесот на евроинтеграција.

Тие ѝ упатија прашања поврзани со последиците од (не)спроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур врз кредибилитетот на европските институции; македонската европска перспектива и можностите за интеграција во услови на постојната блокада; придобивките од членството во ЕУ, како за македонската држава, така и за самата Унија; како и за ставот на претседателката во однос на етапната интеграција на Западен Балкан.

Сиљановска-Давкова смета дека проширувањето треба да почива врз исполнување на Копенхашките критериуми. Истовремено, убедена е дека постепената интеграција може да донесе опипливи придобивки уште пред полноправното членство, но дека не смее да претставува негова замена.

Таа потсети дека органите на ЕУ не смеат да ги занемарат принципите и вредностите содржани во конститутивните документи, без кои Унијата не може да биде вистинска заедница, туку само политичка и бирократска машинерија.

Претседателката истакна дека, како носител на директен и силен изборен легитимитет, има обврска да ги претставува сите граѓани и затоа постојано инсистира на дијалог и консензус околу прашањата од национален интерес.

На крајот од средбата, студентите ѝ се заблагодарија за отворениот дијалог и ја поканија да го посети Колеџот на Европа во Тирана.

Најнови вести од: Македонија

Мирис на свадбарски купус, домашни специјалитети и есенска дружба: Утре „Есенско пазарче“ во Ново Село, Кумановско

Утре, 25 октомври, во Туршијара „Суперкиз“ во Ново Село посетителите ги очекуваат традиционални вкусови, настап на фолклорниот ансамбл „СРМА“, детски активности и работилница за компост. Пазарчето започнува во 10:30 часот.

Милошоски: Македонија е добро позиционирана и кон САД, но и кон ЕУ

Македонија може да води избалансирана и стратешки усогласена надворешна политика, која ќе овозможи истовремено продлабочување на стратешкото партнерство со САД преку дијалогот за стратешко партнерство како и зајакнување на политичките и економските врски со европските партнери

To top