Македонија

Скандал во психијатриската болница „Демир Хисар“ – криминалци го злоупотребиле системот

Дури 20 осуденици за кривични дела, кои се наоѓаат во психијатриската болница Демир Хисар, не се со психичка болест, туку се здрави и пресметливи, но таму завршиле изигрувајќи го системот и судовите преку коруптивни вештачења за наводно нарушено здравје, констатирал Народниот правобранител.

Националниот превентивен механизам при Народниот правобранител при контрола во психијатриската болница „Демир Хисар“ во декември 2025 година затекнал околу 20 осуденици за кривични дела кои не се со психичка болест, туку се здрави и пресметливи, но, како што е наведено, преку сомнителни и коруптивни вештачења успеале да избегнат затвор и да бидат упатени на лекување.

  • НПМ се обрати и до Комората на вештаци, со барање информации во врска со примената на етичките и професионалните стандарди во судско-психијатриските вештачења – изјави заменичката-омбудсман Соња Трифуновска на презентација на извештајот на НПМ, кој комуницира директно со Обединетите нации.

Таа посочи дека со години се констатира „катастрофална состојба“ во повеќе затворски установи, меѓу кои Скопје, Куманово, Идризово, Струга и Охрид, како и во Воспитно-поправниот дом во Тетово и полициските станици каде, како што рече, се држат лица без основни услови, па дури и без средства за обезбедување храна.

Трифуновска оцени дека вработените во специјалната установа во Демир Хисар се „прегорени“ и изложени на висок ризик, бидејќи, според неа, наместо затворски обезбедувачки систем, таму се сместуваат лица со криминален профил кои ја злоупотребуваат системската празнина.

  • На штета на вистинските пациенти, тие се принудени да работат и како безбедносен кадар, бидејќи дел од лицата кои со помош на системот избегнуваат затвор, ги малтретираат, плашат и виктимизираат болните. Има и случаи на бегства, затоа што установата нема затворска полиција – истакна таа.

Според неа, медицинскиот персонал – психијатри и техничари – е изложен на професионален и личен ризик, а недостатокот на кадар и ресурси дополнително ја отежнува состојбата. Таа посочи дека посетата имала цел да ја испита состојбата во Форензичкото одделение, по информации за проблематични случаи и сомнежи околу психијатриски вештачења.

  • Тимот на НПМ доби наводи за случаи во коишто беа изразени сомнежи за професионализмот при одредени вештачења, со кои лица наместо затворска казна се упатуваат на форензичко лекување. Персоналот нема начин како да се справи со овие случаи – се наведува во извештајот.

Трифуновска предупреди дека ваквата состојба создава сериозно нарушување на принципот на еднаквост пред законот, бидејќи санкциите, наместо да се засноваат на објективна проценка, може да станат резултат на влијание врз вештачењата. Таа додаде дека поради ваквата ситуација страдаат и вистинските пациенти, кои добиваат помалку внимание и подолги чекања за третман, што директно го загрозува нивното право на здравствена заштита.

Најнови вести од: Македонија

Над 1000 повици за паднати дрвја и летнати кровови пријавени во ЦУК по невремето во Скопје

Повеќе од 1.000 повици од граѓани се евидентирани на Единствениот број за итни повици 112 по силното невреме проследено со силен ветер што попладнево го зафати Скопје, информира Центарот за управување со кризи

„Визер“ ја крева Македонија повисоко на европското небо, додаде уште еден авион

Скопскиот аеродром добива нов залет со проширувањето на базата на „Визер“, која носи повеќе летови и нови европски дестинации. Порастот на бројот на патници покажува дека воздушниот сообраќај во Македонија влегува во нова фаза на развој. Со седмиот авион, земјава се приближува до целта од четири милиони патници годишно, а придобивките се очекуваат и во туризмот, бизнисот и во економијата.

To top