Македонија

Скопје одбележува 63 години од катастрофалниот земјотрес – трагедија, од која никна „Градот на солидарноста“

Денес се навршуваат 63 години од катастрофалниот скопски земјотрес, трагедија што засекогаш остана запишана во колективното помнење на скопјани и сиот македонски народ. Во 5 часот и 17 минути, додека поголемиот дел од скопјани сè уште спиеле, силен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала (9 степени според Меркалиевата скала) го погодил градот. Потресот траел само дваесетина секунди, но тие неколку мигови биле доволни за да однесат илјадници животи, да урнат цели населби и засекогаш да го променат изгледот на Скопје.

Земјотресот со однесе 1.070 човечки животи, околу 2.900 повредени, од кои повеќе од 1.100 тешко, а стотици останале трајни инвалиди. Останаа повеќе од 200.000 жители без покрив над главата. Уништени беа над 15.800 станови, уште околу 28.000 беа сериозно оштетени, а речиси 80 проценти од градската структура претрпе огромни разурнувања, додека потресот беше почувствуван и во поголем дел од Македонија и соседните региони. Првите информации за трагедијата кон светот ги испрати дежурниот телефонист во Пошта Скопје, Ѓорѓи Атанасовски, кој и покрај оштетувањата на објектот успеал да воспостави телефонска врска со Белград и да ја испрати пораката: „Скопје е погодено од катастрофален земјотрес“. За само неколку часа веста ја пренесоа најголемите светски медиуми, а помошта почна да пристигнува од сите страни.

Во урнатините исчезнале препознатливи симболи на градот – Старата железничка станица, Народниот театар, Офицерскиот дом, хотелите „Македонија“ и „Скопје“, зградата на Универзитетот, поштенските објекти, станбени блокови и многу други јавни и приватни објекти. Часовникот на Старата железничка станица, запрен точно во 5:17 часот, и денес е најмоќниот симбол на трагедијата, што го потресе Скопје. Но, од урнатините на трагедијата се родила една од најубавите приказни за човечка солидарност. Помош почнала да пристигнува речиси веднаш, најпрвин од тогашните југословенски републики, а потоа и од целиот свет. Дури 87 држави испратиле спасувачки екипи, лекари, инженери, градежници, опрема и материјална помош. За првпат во екот на Студената војна, САД и Советскиот Сојуз заеднички учествувале во спасувањето и обновата на еден град. Токму затоа Скопје го доби епитетот „Град на солидарноста“, кој и денес гордо го носи.


Земјотресот не ги урна само зградите – тој ги прекина животите на илјадници семејства, но истовремено ја покажа и неверојатната сила, хуманост и сплотеност на луѓето. Во годините што следуваа, Скопје беше обновено според современи урбанистички концепти, а во неговата изградба учествуваа архитекти, инженери и експерти од целиот свет. И по 63 години, звукот на сирените, сликите од урнатините и часовникот што засекогаш остана на 5:17 нè потсетуваат на едно летно утро што го промени текот на историјата на Скопје.

Денес со почит се сеќаваме на сите жртви на катастрофалниот земјотрес и на хероите – знајни и незнајни – кои придонесоа Скопје повторно да се крене од пепелта.

Најнови вести од: Македонија

Почина 72-годишен скопјанец од западнонилска треска в болница

Седумдесет и двегодишен скопјанец почина по компликации од западнонилска треска, соопшти денеска директорот на Инфективната клиника во Скопје, Фадил Цана. Пациентот бил со тешка клиничка слика на менингоенцефалитис, а уште при приемот во болница бил во тешка општа состојба.

(Видео): Со синовите бевме на научнообразовна екскурзија во Белгија, рече премиерот за еднонеделното патување

„Јас не сум љубител на големи годишни одмори со солена вода, со песочни плажи итн. и си рековме – екскурзијата да ја прошириме и тоа да биде научнообразовна екскурзија во Белгија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Пронајдени вооружени луѓе во строго-заштитено подрачје на Пелистер

Ренџерската служба на Националниот парк „Пелистер“, во соработка со СВР Битола, спровела повеќечасовна акција за пронаоѓање лица вооружени со огнено оружје, кои навлегле длабоко во територијата на паркот.

Кисела вода добива сè повеќе првачиња

Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, рече дека изградбата на салата во Припор е реализација на долгогодишно барање на жителите. Таа нагласи дека проектот е реализиран во соработка со Владата и Министерството за образование.

To top