Македонија

Славески: Довербата во денарот е стабилна и покрај глобалната неизвесност (ВИДЕО)

Овие предлози, според Славески, обезбедуваат континуитет и дополнителна стабилност на институцијата.

Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, д-р Трајко Славески, во гостување во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија, истакна дека довербата во домашната валута и банкарскиот систем продолжува да биде на високо ниво, и покрај зголемената глобална неизвесност предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток.

„По краткотрајни реакции карактеристични за секоја неизвесност, состојбата брзо се стабилизира. Нема намалување на депозитите, напротив, тие бележат раст, што е јасен показател за довербата на граѓаните во банкарскиот систем“, посочи гувернерот Славески.

Тој додаде дека банкарскиот систем и натаму е стабилен и отпорен, со високо ниво на капитал и ликвидност. Адекватноста на капиталот изнесува околу 19%, што обезбедува значителен заштитен слој во услови на зголемени ризици.

Гувернерот се осврна и на инфлацијата, признавајќи дека тековните случувања во светот носат одредени ризици, пред сè преку цените на енергентите и нарушувањата во глобалните синџири на снабдување.

Сепак, Народната банка, според него, внимателно ги следи состојбите и е подготвена да реагира со сите расположливи инструменти.

Како еден од најважните столбови на стабилноста, Славески ги посочи девизните резерви, кои на крајот на февруари 2026 година изнесувале над 5,5 милијарди евра – значително повисоко ниво од 70% во споредба со периодот пред пандемијата.

Ова ниво, според него, обезбедува сигурна поддршка за стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото.

Во однос на изборот на вицегувернери, гувернерот истакна дека постапката се одвива согласно законските процедури.

Предложени се двајца високо искусни професионалци од Народната банка: Ана Митреска, досегашен вицегувернер со долгогодишно искуство во монетарна политика и истражување, и Игор Величковски, експерт за платни системи и интеграција во регионални и европски платежни структури.

Овие предлози, според Славески, обезбедуваат континуитет и дополнителна стабилност на институцијата.

Најнови вести од: Македонија

To top