Со поддршка на Фондот за иновации, владиниот сектор и расположливите европски фондови, Стопанската комора ќе им помага на општините Зелениково и Чучер-Сандево да ги подобрат своите бизнис перформанси. Развој на алтернативниот, рурален туризам и формирање заедничка бизнис заедница за двете општини, се само некои од чекорите во оваа насока. Како што изјави денеска претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески по работниот состанок со градоначалниците Зоран Бајовски и Коста Маневски, директорката на ИНОВА, Даниела Димовска и Драганчо Апостоловски, државен советник во Министерството за надворешни работи и и надворешна трговија, Зелениково и Чучер-Сандево потоа ќе бидат вид пилот проекти за развој и на другите помали општини кои немаат доволно капацитети да направат исчекор напред.

- Ние уште пред неколку месеци стапивме во контакт со Чучер-Сандево и Зелениково и како партнери, се обидуваме да им помогнеме да го развијат бизнис секторот на нивните територии. Сакаме да формираме заедничка бизнис заедница за двете општини. Ќе се фокусираме на проектни активности кои ќе ја подобрат инфраструктурата, комуникацијата со европските институции за фондовите, комуникацијата со другите локални заедници, комуникацијата со Фондот за иновации и невладиниот сектор, за да дојдеме до рапидно подобрување на капацитетот на општините што сега е во многу независна позиција, изјави Азески по состоанокот.
Според него, во Чучер-Сандево засега се евидентирани околу 90 компании, а веќе ќе се мапираат и фирмите во Зелениково. Сите би биле дел од Скопската стопанска комора.
- Двете општини имаат површина и субјекти што не се за занемарување. Се разговара за развој на алтернативен туризам на Скопска Црна Гора која се наоѓа на 15-тина километри од центарот на Скопје и која на туристите во лето ќе им помуди опција повеќе. И со Општина Зелениково сме во преговори за алтернативниот туризам на една локална зона, за локален економски развој, за која имаме и локација и законско решение, а исто така има и локација за градење филмски град. На овој начин ќе им помагаме да се консолидира бизнис заедницата на нивните територии, да дојде до иновативни решенија кои ќе ги поддржи Фондот за иновации, а на бизнисмените ќе им се даде шанса и прилика да имаат подобро бизнис опкружување што ќе овозможи нивен развој, рече Азески.
Тој направи паралела меѓу Чучер-Сандево и Истра каде, како што информира, ќе се реализираат дел од предвидените активности.
- Стопанската комора ќе се обиде да помогне и во протокот на информациите, а понатаму локалните заедници заедно со бизнисот ќе го продолжат тој процес. Ќе почнеме со активностите околу фондовите на ЕУ на 24 ноември во Охрид, а во текот на наредната недела, на 13-ти, ќе бидеме гости на Општина Зелениково. Би биле задоволни ако две-три од иницијативите што ги најавив, почнат да се реализираат до крајот на годината и доколку на крајот на 2027 година видиме една општина со видозименет простор кој има подобро место и за живеење и за работа, потенцира Азески.
Стопанската комора најавува и активности за полесен пристап до европските фондови, поддршка за иновативни бизнис-решенија и подобра поврзаност меѓу локалните власти и приватниот сектор. Првите активности поврзани со европското финансирање се најавени за 24 ноември во Охрид, додека на 13 ноември е предвидена посета на Општина Зелениково. Азески изрази очекување дека најмалку две до три иницијативи ќе започнат со реализација до крајот на годинава, а првите позначајни резултати ќе бидат видливи до крајот на 2027 година.