Македонија

Сторители на тешки кривични дела ги изиграле системот и судовите и со коруптивни лажни вештачења за нарушено здравје сместени во психијатриски установи!

Националниот превентивен механизам (НПМ) при Народниот правобранител, при контролата на психијатриската болница „Демир Хисар“ во декември 2025, затекнал 20-ина осуденици сторители на кривични дела кои не се со психичка болест, туку се здрави и пресметливи, но го изиграле системот и судовите преку коруптивни вештачења за нивно наводно нарушено здравје.

„НПМ се обрати и до Комората на вештаци, со барање информации во врска со примената на етичките и професионалните стандарди во судско-психијатриските вештачења“, кажа на денешната презентација на извештајот на НПМ кој комуницира директно со Обединетите нации, заменичката-омбудсман Соња Трифуновска. Таа се осврна и на долги години констатираната катастрофална состојба во затворите Скопје, Куманово, Идризово и Струга, Охрид, како и за Воспитно-поправен дом во Тетово, но и за полициските станици каде исто така се држат луѓе и деца лишени од слобода, а кои немаат основни услови за работа, а ни пари за да им купат храна на тие што ги држат уапсени.

Трифуновска вели дека вработените во специјалната установа во Демир Хисар се „прегорени“. На штета на вистинските пациенти и особено на психички најтешките болни, тие се принудени да работат и како безбедносен кадар, зашто осудениците кои со врски кои дошле таму само да не одат во затвор, ги малтретираат, ги злоупотребуваат, плашат, виктимизираат болните. Организираат и успешни бегства од болницата, зашто државата таму нема затворска полиција, оти таму сите треба да се пациенти.

Медицинските техничари, психијатрите и другите здравствени работници кои се обучени за терапевтска работа, а не за управување со лица со изразен криминален профил, се изложени на зголемен професионален и личен ризик, манифестиран и преку непосредни и посредни закани. Поради немањето материјални и човечки ресурси, тимот одговорен за лекување и третман на пациентите не е во можност да се справи со лажните пациенти кои таму се кријат од затворски казни. 

Целта на посетата всушност и била да се испита состојбата со пациентите сместени во Форензичкото одделение на болницата, откако НПМ добил информации за предизвикувачки состојби поврзани со проблематични пациенти. „Тимот на НПМ доби наводи за случаи во коишто беа изразени сомнежи за професионализмот при одредени вештачења со кои, наместо правосилни затворски казни, лицата заради својата психичка состојба (наводна непресметливост) се упатуваат на Форензичкото одделение во оваа болница. Токму овие случаи се и проблематичните за коишто персоналот нема соодветно решение и начин како да ги третира. Имајќи предвид дека болницата ниту има соодветно обезбедување, ниту услови за задржување и грижа на ваков профил на лица, бегставата од нивна страна се доста честа појава, а во изминатиот период имало и случај на самоубиство“, кажа Трифуновска.

Дел од персоналот со којшто било разговарано, покажал очиглдени знаци на фрустрација, разочараност и прегореност, додаде заменичката-народен правобранител. Во болницата немало ни директор, зашто од 2024 до денот на НПМ посетата биле сменети дури четири директори, па следствено нема кој да ги издигне ваквите состојби на повисоко ниво и да се дојде до решение.

„Имајќи ја предвид ваквата состојба, како и наводите истакнати пред тимот на НПМ дека одредени лица ‘со помош на вешти лица’ и преку манипулативни активности успеваат да издејствуваат ‘поволно’ психијатриско вештачење, се отвора прашањето за сериозно отстапување од целта на кривичноправниот систем и суштинско поткопување на принципот на еднаквост пред законот и на правичноста на постапката. Наместо санкцијата да биде резултат на објективно утврдување на вината и одговорноста, таа станува производ на влијание врз експертската проценка“, предупреди Трифуновска.

Ваквата состојба, смета таа, води кон ситуација каде што времето и вниманието на медицинскиот персонал се насочува кон лица кои не се вистински пациенти, додека лицата со реална и итна психијатриска потреба се соочуваат со подолги чекања, намалено внимание и влошени услови на лекување. На овој начин се повредува правото на здравствена заштита на најранливата категорија пациенти, вели заменичката-омбудсман.

Најнови вести од: Македонија

ВОЗНЕМИРУВАЧКА СОДРЖИНА: Дел од кровна конструкција падна врз автомобил додека се движи по улица во скопски Карпош (ВИДЕО)

Споделена е и драматична снимка, во која се гледа како дел од кровна конструкција паѓа врз автомобилот во кој се наоѓаат токму снимателите

Над 1000 повици за паднати дрвја и летнати кровови пријавени во ЦУК по невремето во Скопје

Повеќе од 1.000 повици од граѓани се евидентирани на Единствениот број за итни повици 112 по силното невреме проследено со силен ветер што попладнево го зафати Скопје, информира Центарот за управување со кризи

„Визер“ ја крева Македонија повисоко на европското небо, додаде уште еден авион

Скопскиот аеродром добива нов залет со проширувањето на базата на „Визер“, која носи повеќе летови и нови европски дестинации. Порастот на бројот на патници покажува дека воздушниот сообраќај во Македонија влегува во нова фаза на развој. Со седмиот авион, земјава се приближува до целта од четири милиони патници годишно, а придобивките се очекуваат и во туризмот, бизнисот и во економијата.

To top