Македонците во Србија ги чуваат својот јазик, традиција и култура и едновремено живеат и работат во заедницата. Преку Националниот совет културно-уметничките друштва, училишта и здруженија особено им се посветуваат на младите, за да го сочуваат својот македонски идентитет. Во Ниш цели 23 години важна улога има Здружението „Вардар“, кое посветено ги негува македонската култура и јазик.
„Во рамките на оваа област ќе се обидеме, во соработка со градот и со Училишната управа, да покренеме кампања за формирање одделение, во кое ќе се изучува македонскиот јазик со елементи на национална култура. За да се формира одделението, потребно е децата, односно родителите, во мај да го заокружат македонскиот јазик како изборен предмет. За изучување на македонскиот јазик не е потребно учениците да бидат од исто одделение, или од исто училиште, нагласи претседателот на Здружението на Македонците „Вардар“ од Ниш Благе Петрушевски.

Стратегијата за периодот 2026–2031 година предвидува и подобра соработка со институциите, како и конкретни чекори за зголемени инвестиции во јазикот.

„Законот предвидува една заедница да сочинува 15% од населението на градот, за да има право на службена употреба на јазик и писмо. Во Ниш тоа сè уште го немаме, но тоа право постои во општина Пландиште во Војводина, како и во населбите Јабука и Качарево во рамки на градот Панчево. Во Лесковац македонскиот јазик се изучува како изборен предмет во четири основни училишта. Во моментов имаме пет наставници, кои го предаваат овој предмет и се надеваме дека од септември барем едно основно училиште во Ниш ќе воведе ваква настава. Секако ќе работиме на тоа.“, изјави претседателката на Националниот совет на македонската национална заедница Зорица Митровиќ.
Здружението „Вардар“ во Ниш брои повеќе од 60 членови, а според последниот попис, во градот Ниш живеат околу 600 припадници на македонската заедница. Сепак, се проценува дека денес нивниот број е најмалку двојно поголем.