Студен воздух од север од попладнево ќе донесе снег низ целата држава. Како што прогнозира Управата за хидрометеоролошки работи денеска претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините и ќе дува умерен до засилен јужен ветер (над 60км/ч.). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, попладнево и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе бидат само од снег.

Пообилни врнежи ќе има во западните делови, при што висината на снежната покривка на планините ќе се зголеми за 20 сантиметри, а во останатите места од 5 до 10 сантиметри. Локални врнежи од снег ќе има и утре, кога ќе дува засилен северен ветер, кој ќе продолжи и во понеделник. Од почетокот на следната седмица наместа утринската температура ќе се спушти и под -10 степени, а дневната ќе се задржи под нулата.

Во Скопје, денес претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе бидат само од снег. Локални врнежи од снег ќе има и утре, кога ќе дува засилен северен ветер.

Според прогнозата на УХМР од понеделник времето ќе биде променливо облачно и студено со умерен, а долж Повардарјето и во источните делови и со засилен ветер од северен правец, кој ќе достигнува и над 60 километри на час. Температурите ќе бидат многу ниски, утринските до минус 13 степени, а дневните од минус 6 до 8 степени Целзиусови.