Искра Хаџи Василева е новата Јавна обвинителка за гонење организиран криминал и корупција, откако денеска победи на непоредните избори со тајно гласање на сите обвинители во Македонија. Оваа доверба се смета за нешто свето во Обвинителството, затоа што е единствената која ја даваат колегите, а не партијата, како што е изборот на Државниот обвинител кого го изгласа владејачкото мнозинство. По Вилма Русковска, Хаџи Василева е втората жена на чело на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ЈО ГОКК), иако во ова Обвинителство над 90 отсто од обвинителите се жени.
Хаџи Василева добила најголема поддршка од обвинителите во трката за раководната функција во обвинителството надлежно за предметите од областа на организираниот криминал и корупцијата. Официјалното соопштување на резултатите се очекува на јавната седница. Таа беше една од петтемина кандидати за функцијата. Покрај Хаџи Василева, во трката учествуваа и Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Јован Цветановски и Лидија Раичевиќ.
Право на глас имаа 187 обвинители. По завршувањето на гласањето, резултатите треба да бидат сумирани и официјално соопштени на јавна седница.
Досегашниот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, кој беше избран на функцијата во 2022 година, не се кандидираше за нов мандат. Мандатот на Обвинителот за гонење организиран криминал Ислам Абази завршува на 15 ноември. Тој беше избран во 2022 и наспроти сомневањата поради негови блиски познанства со тогашната владејачка партија ДУИ, си заминува од ова Обвинителство со пофални зборови и задоволство од колегите со кои контактиравме, кои велат дека тој никогаш не си дозволил да се замеша во нивните предмети, во независноста на обвинителите.
Кандидатите претходно, на 13 октомври, ги претставија своите програми и приоритети за работата на обвинителството. Меѓу клучните прашања беа зајакнувањето на финансиските истраги, поефикасното справување со корупцијата и зачувувањето на самостојноста и независноста на јавното обвинителство.