– Кога министер на мултиетничка држава, а не приватно лице, положува цвеќе и оддава почит на спомен-плоча каде што јасно е видлив терминот „албански терористи“, тој со тоа ги навредува своите сограѓани идентификувајќи ја етничката припадност како криминална карактеристика. Ова, според кој било меѓународен стандард, е шовинистички и дискриминаторски јазик што мора да биде санкциониран – изјави Таравари.
Таравари побара министерот за одбрана да даде јавни објаснувања и да интервенира врз основа на овластувањата што ги има за да го промени овој, како што вели, „говор на омраза“ на спомен-плочата, што стои во касарната „Илинден“.
Според лидерот на АА, со терминот „албански терористи“, како што вели тој, се навредуваат Албанците и Охридскиот договор, потенцирајќи дека „борците на УЧК биле борци за слобода“, а не како што ги опишува плочата.
Од друга страна, министерот Мисајловски истакна преку општествените мрежи дека жртвата на загинатите припадници на Армијата и полицијата е дел од државното сеќавање. Во објава на фејсбук Мисајловски порача дека тие загинале во одбрана на татковината, со што ја нагласи почитта кон нивниот придонес за безбедноста на земјата.
Настаните од 2001 година, особено оние кај Вејце, продолжуваат да предизвикуваат дијаметрално спротивни политички толкувања и силни реакции во македонската јавност.
„Плус инфо“