До Собранието е поднесен нов закон за спречување и заштита од семејно насилство, кој опфаќа и употреба на електронски алки за следење на насилниците, информира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во „Тема на денот“ на ТВ Сител.
„Жените, мајките и ќерките мора да се чувствуваат најбезбедно во сопствениот дом, а институциите имаат обврска да преземат сè што е во нивна моќ за да ја гарантираат нивната заштита“, порача тој. „Верувајте ми, ова законско решение нема да ја реши состојбата со семејното насилство, но гарантирам дека ќе даде подобри резултати од оние што ги имаме сега“.
Според министерот, предложените измени ќе овозможат побрза полициска интервенција и ќе ги зајакнат механизмите за институционално постапување во случаи на семејно насилство.
По измените на Кривичниот законик, со кои телесната повреда во рамките на семејството претставува основа за постапување по службена должност, бројот на кривичните постапки годинава е зголемен за околу 50 проценти во споредба со претходната.
Во 2026 година е забележан раст од 270 проценти на изречените мерки притвор поврзани со семејно насилство, посочи Тошковски, а 163 лица се наоѓаат или во текот на годината биле во притвор за кривични дела поврзани со овој вид насилство.
„Мораме да сториме сè. Дали треба да имплементираме ново законско решение – апсолутно да. Но мора да бидеме свесни дека ниту една законска измена сама по себе нема целосно да го искорени семејното насилство. Она што можеме да го направиме е да создадеме подобри услови за побрза и поефикасна реакција на институциите“, нагласи Тошковски.