
Жената на прилепчанецот кој е убиен заедно со неговиот син го пријавила случајот во полиција откако пробала телефонски да ги добие сопругот и синот кои претходно, кон 15 часот заминале во куќата на вујкото на покана на вујкото. Таа отишла до куќата, но вратата била затворена. Ова се дел од новите детали кои ги соопшти битолската полиција за двојното убиство и самоубиство кое го потресе Прилеп.
Во соопштението на СВР Битола се вели дека се расчистени околностите за тројното убиство. Откако не успеала да ги добие на телефон сопругот и синот, жената се упатила кон куќата каде што влезната врата била затворена и никој не се одзивал на нејзините довикувања. Пред куќата го забележала паркиран автомобилот на сопругот. Тогаш таа решила да го пријави случајот во полиција.
- „Истата, по одредено време во 21:20 часот го пријавува настанот во ОВР Прилеп каде пријавува дека истиот ден од домот се оддалечил нејзиниот сопруг заедно со нивниот малолетен син и посочува дека најверојатно се наоѓаат во домот на вујкото на нејзиниот сопруг“, се вели во соопштението.
- „Според првичните информации и сознанија од очевидци кои ги има ОВР Прилеп во околу 15:30 -16:00 часот во непосредна близина на куќата на сега починатиот П.Ѓ. се слушаат истрели од огнено оружје, (најверојатно тоа бил моментот на убиството во кое П.Ѓ. ги застрелува внукот и неговиот малолетен син) но, до тој момент нема никаква пријава во ОВР Прилеп за било какво пукање на подрачјето на Прилеп“, се вели во написот.
Полицијата потврди дека напаѓачот, 62-годишниот вујко, пукал кон службениците, но и дека фрлил бомба која почнала да чади, но не ескплодирала.