Премиерот Христијан Мицкоски вели дека како Влада внимателно ја следат ситуацијата со цените на горивата и за тоа и ефектите во економијата и уверува дека компаниите и граѓаните можат да бидат спокојни. Македонската Влада, како што кажа, е една од ретките во Европа која одлучила со зафат во Данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата, односно негово намалување од 18 на отсто, да дејствува во насока на справување со енергетски ценовен шок.
- „На вчерашната седница на Владата донесовме одлука најпрвин да прогласиме кризна состојба во траење од 30 дена, а потоа и донесовме одлука да го намалиме ДДВ од 18 на 10 проценти. Ние сме една од ретките влади во Европа, можеби има уште една или две, коишто директно од буџетот го поддржуваат стандардот на граѓаните и така и ќе продолжиме бидејќи за нас тоа е најголем“, рече премиерот.
Рече дека има уште неколку чекори и мерки што можат да се преземат, но, како што кажа, во овој момент ја следат ситуацијата. Претседателот на Владата, рече дека во моментов има предизвици и тие ќе продолжат и во наредниот период, но како исклучително стабилни ги оцени електроенергетската состојба во државата и снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
- „Така што во овој момент не само што ги задоволуваме домашните потреби, бидејќи знаете дека поради најниските цени на бензините и дизелот во регионот, имаме многу граѓани од соседните држави кои полнат гориво на бензинските пумпи кај нас. Некаде околу 150 000 литри на ден имаме со голема потрошувачка доколку се спореди со со вообичаената побарувачка од претходно“, кажа Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека до денешното негово доаѓање во Тетово не добил информација дали се случил телефонскиот разговор со ОКТА, што го најави на вчерашната прес-конференција, а на која би се разговарало да ново намалување на цените на горивата. За контактите со ОКТА, додаде тој, задолжена е министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
- „Сега кога ќе заврши овој настан ќе се слушнам со министерката и очекувам денеска тоа да се реализира и очекувам да има разбирање од ОКТА, бидејќи навистина сега се моменти кога треба да си помогнеме едни на други“, рече тој.
Премиерот, исто така, во одговор на новинарско прашање, образложи зошто не се одело со намалување на акцизата за горивата, како што направија Хрватска и Србија, туку со намалување на ДДВ. Според премиерот, мерката за која се одлучила македонската влада е поробусна и со неа се овозможува поголемо намалување на цените на горивата, отколку кога би се одело со намалување на акцизата.
- „Прво како земја имаме најниски давачки кон Владата кога станува збор за бензините и за дизел-горивото. Да речеме во Хрватска е двојно поголема отколку кај нас, исто така и соседна Србија. Правевме анализа, имајќи ги предвид цените на берзите за безоловниот бензин од 95 и 98 октани и дизелот, а согласно закон за нас референтна берза е италијанската, односно ФОБ Италија, на место на испорака таму. Дојдовме до заклучок дека доколку би интервенирале во акцизите тогаш намалувањето за бензините ќе беше еден денар по литар, за дизелот ќе беше два денари по литар и затоа одлучивме да имаме поробусна интервенција и затоа на овој начин се намалуваат цените за отприлика шест и пол до седум денари по литар. Но, се разбира состојбата ќе ја следиме, и како следна мерка кога тоа намалување би било позначајно, ќе го имаме и тоа во предвид. Но сега сакавме поголема, поробусна интервенција за веднаш да почувствуваат граѓаните, да нема драматично зголемување на цените“, рече премиерот.
Според анализите што ги направиле во Владата, со намалувањето на ДДВ од 18 на 10 проценти дневната заштеда за граѓаните е повеќе од 200 000 евра, а на неделно ниво се очекува таа да биде околу еден и пол милион евра.
- „Така што ќе видиме, ќе ја следиме ситуацијата и наместо да бидеме реактивни, ќе бидеме проактивни. Ќе повторам дека кај нас во моментов има најниска цена на дизел-горивото и на безоловните бензини, споредено со било која од земјите во регионот“, додаде Мицкоски.