Македонија

Втори месец по ред опаѓа довербата и се зголемува недовербата на Бугарите во владата и премиерот Радев

Само неколку месеци по формирањето довербата во бугарската влада паѓа, а паѓа и довербата во премиерот Румен Радев. Ова е веќе втор месец по ред. Вакви резултати покажува анкетата на агенцијата „Маркет линкс# спроведена за радиодифузерот бТВ на 1.002 граѓани во периодот од 11 до 19 јули.

Според менаџерот на агенцијата Добромир Живков, трендот на опаѓањето на довербата сега е постојан, а не моментна реакција. Довербата во владата се намалила за 8% во споредба со мај, а недовербата се зголемила за 11 проценти, покажува анкетата. Дел од причините се реакциите на јавноста против нацрт-буџетот, како и недостатокот на убедливи резултати за клучните домашни политички прашања, коментира социологот. „Очекувањата за оваа администрација беа исклучително високи и токму неможноста да се исполнат доведува до оваа реакција“, рече Живков.

Според него, ставовите на јавноста се под влијание и на контрадикторни сигнали за теми од надворешната политика. Како примери ги наведе дебатата за санкциите против Русија, ставот на Бугарија кон Украина и неодамнешната одлука за распоредување американски авиони во воздухопловната база „Безмер“. „Не е прашање дали Бугарија треба да биде сигурен партнер, туку колку е доследна во своите пораки и постапки“, рече Живков.


Анкетата, исто така, покажува и пад на личниот рејтинг на премиерот Румен Радев, иако тој и натаму е политичар со многу голема доверба. Според Живков, ова е природно, бидејќи оценката за премиерот е тесно поврзана со оценката за работата на кабинетот.

Анкетата покажува и интересни резултати околу поддршката на партиите. Прогресивна Бугарија на Радев е неприкосновена со 39 отсто, но центристичките либерали од коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија се на второ место со 14,3 проценти, а ГЕРБ на Бојко Борисов дојде на третото, со поддршка од 12,7 отсто. ДПС на олигархот Делјан Пеевски паѓа сѐ подолу и подолу и поддршката е нешто над изборниот праг – 4,2 проценти.

Најнови вести од: Македонија

Муцунски со порака до Брисел: Проширувањето на ЕУ е инвестиција во сопствената безбедност

Проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан не е само инвестиција во стабилноста на регионот, туку и стратешка инвестиција во безбедноста, силата и иднината на Европа, порача министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

To top