Македонија

Започна дистрибуција на гласачкиот материјал низ целата земја во пресрет на локалните избори

Државната изборна комисија (ДИК) денеска започна со дистрибуцијата на доверливиот изборен материјал од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола до сите 80 општински изборни комисии (ОИК) во земјата, во пресрет на локалните избори закажани за недела, 19 октомври.

Државната изборна комисија (ДИК) денеска започна со дистрибуцијата на доверливиот изборен материјал од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола до сите 80 општински изборни комисии (ОИК) во земјата, во пресрет на локалните избори закажани за недела, 19 октомври. Оваа постапка, обезбедена од полицијата, вклучува транспорт со камиони на целиот материјал: изводи од избирачките списоци, записници за секое гласачко место и сите гласачки ливчиња. Процесот го извршуваат 17 тимови на ДИК во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Се работи за испечатени 4.613.438 гласачки ливчиња на ниво на држава, заедно со ливчињата за градоначалници и советници на Општините. Има 254.262 испечатени страници на избирачките списоци и посебните изводи на избирачките списоци. 8.692 записници како доверлив материјал за утврдување на изборните резултати и 8.330 примероци на Брајово писмо“, изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

Овие избори ќе ги опфатат 1.832.415 регистрирани гласачи на 3.480 потенцијални гласачки места, од кои 3.474 ќе бидат активни (шест ќе останат затворени поради отсуство на жители). Покрај партиските кандидатури, ќе учествуваат и 69 независни кандидати за градоначалници и 68 листи за советници од независни иницијативи, што резултираше со исклучително долги гласачки ливчиња – најдолгото достигнува 500 милиметри, што ги направи печатењето една од најкомплексните операции досега. Ливчињата се подготвени со двојна заштита (видлива и невидлива) за да се обезбеди безбедност и интегритет на гласањето.
„Локалните избори се најобемни избори и за овој вид на доверлив материјал се предвидени 48 милиони денари (околу 780.000 евра н.з.), но конечната сума ќе биде објавена подоцна во зависност од тоа на колку места ќе има гласање во вториот изборен круг“, рече Кондарко.

Печатењето заврши два дена порано од планираното, по детална проверка, пакување и сортирање на материјалот. Ова се осми локални избори од независноста и четврти со директно избирање на градоначалници и советници во 80 општини и Скопје, каде гласачите ќе добијат четири ливчиња (за градоначалник на Скопје, локален градоначалник и два совета).

„Локалните избори се најсложената операција што се работи, но искуството од минаттото ни дава за право да кажеме дека го надминавме предизвикот успешно. Најсложени се бидејќи содржат 80 Општини, 80 листи како за градоначалник, така и за Совет и плус по 10 листи за градоначалник и Совет во Градот Скопје. Предизвик за печатење беше големината на гласачкото ливче вон стандардот што го работиме. Најдолгото ливче беше 500 милиметри, тие беа најголеми и најтешки за работа и манипулација“, рече Вангел Талевски, генерален менаџер на печатницата „Киро Дандаро“ во Битола.
Дистрибуцијата е дел од финалните подготовки, по кои ОИК ќе го предадат материјалот на гласачките одбори. Гласањето започнува в недела од 7 до 19 часот, со претходно гласање во сабота за болни, немоќни (9.000 пријавени), затвореници (2.162) и жители во домови за стари (450). Нема гласање во дијаспората, а ќе се користат биометриски апарати за идентификација. Вкупниот буџет за изборите е 9,76 милиони евра, со акцент на медиумско покривање и кампања.

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Безбедно отстранета ретка неексплодирана минофрлачка граната од Првата светска војна

По безбедносните проверки на состојбата на неексплодираната граната, согласно пиротехничарските, деминерски, стандардни оперативни процедури, гранатата е безбедно подигната од местото каде е пронајдена и се транспортира за понатамошна постапка за нејзино уништување.

Крај на пушењето – се крои досега најстрог закон

Македонија е на чекор до донесување на најригорозниот закон за заштита од пушење досега, кој драстично ќе го промени секојдневието на пушачите, угостителите и трговците. Според нацрт-верзијата на законот до која дојде Телма, се подготвува целосно исфрлање на цигарите од јавниот живот и затворените простори, без исклучоци.

Повторно блокиран граничниот премини „Евзони“, македонските транспортни компании трпат загуби

Грчките земјоделци и вчера попладне во истиот период го блокираа граничниот премин, а во однос на плановите за следните денови, исто како и досега, одлуките ќе ги носат во последен момент, особено сега кога изразија подготвеност во вторник да се сретнат со грчкиот премиер.

To top