Македонија

Засилени инспекциски контроли во трговските синџири

Ќе бидат проверени 600 до 700 производи од потрошувачката кошничка

Државниот пазарен инспекторат најави засилени контроли во трговските синџири во наредниот период, при што ќе бидат опфатени меѓу 600 и 700 производи од потрошувачката кошничка. Целта е да се утврди како се формираат цените од производителот до крајниот потрошувач и дали постојат неправилности што влијаат на нивниот раст.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека одлуката следува по состанок со претставници на трговските синџири, Министерството за финансии и другите надлежни институции.

„Секој производ ќе биде предмет на детална анализа кај секој трговски синџир поединечно, за да добиеме јасна слика за факторите што ја формираат конечната цена“, рече Дурмиши.

Тој потсети дека инспекциските контроли не се новина и дека се спроведуваат континуирано уште од почетокот на економската криза. Само во последните три месеци биле реализирани засилени проверки, при што интервенирале во делот на трговските маржи каде што тоа било законски возможно.

Министерот истакна дека Владата претходно презела повеќе мерки за заштита на граѓаните, како намалување на цените на нафтените деривати, ограничување на трговските маржи и воведување на потрошувачка кошничка.

Дурмиши оцени дека долгорочната стабилност на пазарот не може да се постигне само со интервентни мерки, туку преку постојана координација меѓу институциите, производителите, трговците и стопанските комори.

Во делот на економските политики, тој истакна дека Министерството работи на намалување на невработеноста, поддршка на инвестициите и развој на малите и средните претпријатија. Преку новиот оперативен план за вработување се обезбедени 2,41 милијарди денари за поддршка на над 10.000 граѓани, додека за инвестиции во Буџетот за 2026 година се предвидени 1,23 милијарди денари.

Како пример за успешна инвестиција, министерот ја посочи Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово, каде е најавена нова инвестиција од 21 милион евра, која треба да отвори околу 550 нови работни места.

Најнови вести од: Македонија

Над 1000 повици за паднати дрвја и летнати кровови пријавени во ЦУК по невремето во Скопје

Повеќе од 1.000 повици од граѓани се евидентирани на Единствениот број за итни повици 112 по силното невреме проследено со силен ветер што попладнево го зафати Скопје, информира Центарот за управување со кризи

„Визер“ ја крева Македонија повисоко на европското небо, додаде уште еден авион

Скопскиот аеродром добива нов залет со проширувањето на базата на „Визер“, која носи повеќе летови и нови европски дестинации. Порастот на бројот на патници покажува дека воздушниот сообраќај во Македонија влегува во нова фаза на развој. Со седмиот авион, земјава се приближува до целта од четири милиони патници годишно, а придобивките се очекуваат и во туризмот, бизнисот и во економијата.

To top